Генерални заклучоци за информирањето на медиумите
Анализата на покривањето на Пописот 2011 година, покажа дека медиумите редовно информираа за подготовките на пописот, за несогласувањата и оставките во Државната пописна комисија, за различните толкувања на Законот за попис, за тоа кои лица треба да бидат опфатени со пописот и со кои документи ќе се врши идентификација на лицата кои се попишуваат,за структурата и недоволниот број на попишувачи, за реакциите на опозицијата околу пописот, како и за прекинот на пописот. Новинарите главно ги регистрираа овие случувања, но многу малку или воопшто не ги коментираа и анализираа. Ретко вклучуваа мислења на експерти и главно пренесуваа изјави на официјални претставници директно вклучени во пописот.
Индикативно е отсуството на изјави и информации од Владата и владините претставници особено за причините поради кои пописот беше прекинат. На ваков начин, Владата ги остави граѓаните неинформирани и во недоумица зошто овој исклучително значаен и скап процес беше прекинат и кога тој повторно ќе се спроведе.
Медиумите, надлежните институции, политичарите, па и ретките експерти, пописот, пред сѐ и над сѐ, го гледаат низ призмата на неговата етничка димензија. Доминантен е наративот дека пописот е значаен за „етнички да се преброи“ населението и дека од процентуалната застапеност на етничките малцинства ќе зависи идната употреба на Бадентеровото правило и на Рамковниот договор. Исто така, случувањата со пописот примарно се следа низ перцепцијата дека овој попис ќе покаже дали Албанците се повеќе или помалку од 25.7%. Медиумите ја следеа наметнатата политизација на пописниот процес, од страна на политичките партии и притоа, ја поддржаа тезата дека македонското општеството е поделено по политички и етнички линии, без успешни политики за решавање на ваквите поделби. Во прилозите, доминираше ставот дека редовната статистичката операција претставува политички процес, кој длабоко навлегува во меѓуетничките односи и создава меѓуетнички тензии. Се погласни и појасни беа пораките дека од процентите зависат правата на етничките заедници во Македонија, а изостануваа коментари и појаснувања за практичните последици од немањето реални статистички податоци за населението во државава.
Со други зборови, етничката компонента на пописот ги засени другите негови аспекти. Новинарите, но и останатите релевантни фактори во општеството многу малку или воопшто не се занимаваат и не го истакнуваат значењето на пописот во обезбедувањето реални податоци кои ќе се користат за планирање и креирање на идните државни економски, социјални, здравствени, образовни и други развојни политики.



