Поврзете се со нас

Информирањето на медиумите за Пописот 2011

Пред почетокот на попишувањето во Република Македонија, медиумите информираа и за пописот во Република Албанија, нагласувајќи ги проблемите на тамошните помали етнички заедници:

„Македонците и Грците во Албанија се здружија против, како што велат, дискриминаторскиот Закон за попис, кој сака да го спроведе тамошната влада. Ним им се придружија и претставниците од другите малцинства кои живеат во оваа земја.“ – Дневник, 19.08.2011.

„Македонците во Албанија ќе го бојкотираат претстојниот попис бидејќи Албанскиот институт за статистика не ги прифати барањата за посебна графа за националност Македонец во пописниот формулар. Ова вчера го потврди Едмонд Темелко, претставник на Македонците од Албанија…“ – Вечер, 30.09.201.

Во овој период, некои текстови и колумни во дневните весници, како на пример, „Пописен етноцид во Албанија“ (Утрински весник, 28.08.2011), „Пописот во соседството ги изеде Македонците“ (Дневник, 15.08.2011), „Ахмети договара повеќе Албанци со Приштина и Тирана?“ (Нова Македонија, 30.09.2011), фрлаат сенка врз статистичкото пребројување и најавуваат можност за нови меѓунационални несогласувања, ставајќи го претстојниот попис во Република Македонија во поширок балкански контекст.

Медиумите редовно информираа за работата на Државната пописна комисија, како и за тоа дека дури кон средината на септември е постигнат договор за составот на пописните комисии. Одолговлекувањето се појави поради различното толкување на членот 34 од Законот за попис, кој се однесува на правичната застапеност. Членовите на ДПК, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, не можеа да се усогласат во врска со етничката структура на пописните тимови.  Според Законот, секој пописен тим има по двајца попишувачи – еден од редовите на администрацијата, а другиот избран на јавен конкурс:

„Уште кога се кроеше Законот за попис, ДУИ бараше во реоните каде што Албанците се мнозинство, двајцата попишувачи да бидат Албанци. За ВМРО-ДПМНЕ беше неприфатливо во тимот да нема попишувач-Македонец. Минатата недела Владата и одговори на комисијата дека е во ред нејзиното толкување во врска со прецизирањето на составот на етничката структура на попишувачите, што значи дека секој попишувачки тим ќе биде составен од двајца попишувачи на двете најголеми етнички заедници во пописниот регион.“ Нова Македонија, 19.09.2011

Две недели пред почетокот на пописот, набљудуваните медиуми, многу малку или воопшто не ги анализираа последиците од одолговлекувањето на ангажирањето и обуката на речиси 20.000 попишувачи, а не го коментираа ниту доцниот старт на информативната кампања за граѓаните. Регистрирани се неколку новинарски прилози за структурата на попишувачките тимови особено за тоа дека некои новинари од Македонската радиотелевизија, како и некои уметници од јавните институции за култура заради третманот на државни службеници се ангажирани како попишувачи:

„Се доцнеше со листите, бидејќи подолго време се решаваше структурата на попишувачи за време на реализацијата на пописот. Изборот на попишувачите на терен мораше да биде од првите две најмногубројни заедници во пописниот реон во општината, што беше исклучително тешко. Но, на крајот, направивме космополитски избор. Па така, сега имаме попишувачи Руси, Украинци, Словенци, Црногорци, велат во ДПК.“, Утрински весник, 28.09.2011

„Да не се изненадите ако Дејан Лилиќ ви тропне на врата! Актерот Дејан Лилиќ, портпаролот на Уставен суд Југослав Миленковиќ, десетина новинари од МТВ, режисери, манекенки, глумци и пејачи се само дел од познатите личности кои од 1 октомври можат да ви затропаат на вратата, но не како дел од некое ТВ реално-шоу, туку како попишувачи. Иако имаат други професии некои од овие решија да се испробаат и во статистичките води…Претседателот на Државната пописна комисија Весна Јаневска завчера не успеа да објасни како воопшто се случило новинарите да бидат третирани како државни службеници.“ Вечер, 28.09.2011

Неколку дена пред почетокот на пописот, медиумите со зголемен интензитет информираа за несогласувањата во ДПК околу толкувањето на членот 6 и членот 40 од Законот за попис, со кои се уредува кои лица ќе бидат опфатени со пописот и со кои документи ќе се врши идентификација на лицата кои се попишуваат. Главните несогласувања, кои траеја се до прекинувањето на пописот на 11 октомври, се однесуваа на тоа дека нема да бидат попишани лицата кои подолго од една година не престојуваат во државата, но и на тоа, дали и кој има право да идентификува лица со фотокопија од лични исправи:

„Државната пописна комисија цел ден вчера бараше решение за новото недоразбирање меѓу членовите кое настана три дена пред стартот на пописот. Вчера никој официјално немаше став како ќе се спроведува пописот и дали претстои негово ново одложување. Претставниците на албанската и турската етничка заедница, на последната седница имале посебно толкување на членот 6 од законот. Бараат да бидат попишани и лица кои се подолго од една година надвор од Македонија, а во тој период влегле во државата. Потпретседателот Абдулменаф Беџети, вчера најави дека тоа е согласно европските стандарди. Од друга страна, мнозинството членови на комисијата смета дека на тој начин се крши Законот за попис. Во спорниот член 6 пишува дека лица кои имаат место на вообичаено живеење во Македонија, а во време на пописот, но најдолго до 12 месеци, се наоѓаат во странство ќе бидат попишани.“,Вечер, 27.09.2011

„Не знам како може членови на семејството да дадат податоци за лице што е надвор од државава и да ги имаат оригиналните документи, кога тие документи секој си ги носи со себе, особено пасошот. Затоа, ние сметаме дека треба да бидат признаени и фотокопирани документи, велат истите извори. Сепак, нејасно е зошто се оспоруваат одредби од Законот, два дена пред стартот на пребројувањето. Деновиве и лидерот на ДПА, Мендух Тачи, фрли сомнеж врз спроведувањето на пописот, изјавувајќи дека се подготвува фалсификување на бројките и тоа не кај Албанците туку кај Македонците.“,Утрински весник, 27.09.2011

Донатори

USAID

FOOM

Напомена

Интернет - страницата е дел од проектот „Пописот е демократија, а не само етничка бројка!“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондација Отворено општество Македонија.
Информациите објавени на оваа интернет - страница не се официјални информации на Владата на САД и не ги претставуваат погледите и позициите на Агенцијата на Соединетите Американски Држави за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на САД.

Партнери

NVO Infocentar CRM
 
8-mi Septemvri MCET