Поврзете се со нас

Информирањето на медиумите за Пописот 2011

Сепак, во медиумите немаше појаснување и изјави од официјални владини претставници, а одговорите се бараа единствено од ДПК и независните аналитичари:

„А, станува збор за истиот Закон за попис што го договорија ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ – како учесници во Владата, а го изгласаа нивните пратеници во Парламентот. Како тогаш договореното сега стана главен камен на сопнување?… Настаните на теренот, каде што има јасни индиции дека не се одвива се’ по пропис, а се случуваат и инциденти, всушност, се рефлексија на релациите во Државната комисија. Како што и случувањата во Комисијата се одраз на односите меѓу коалициските партнери во Владата. Така и пописот стана прашање преку кое се прекршуваат владините политики, но и од кое може да зависи иднината на коалицијата.“, Утрински весник, 07.10.2011.

Ваквиот тренд продолжи се до моментот на кулминација на несогласувањата во Комисијата што резултираше со оставка на членовите, распуштање на ДПК и технички прекин на пописот. Како единствена причина за прекин на пописот беше наведена нееднаквата методологија која попишувачите од различни реони ја применувале на терен, без да се коментира малиот процент на попишано население, претежно во западниот дел на Македонија:

„Како што се наведува во соопштението на вчерашната седницата Комисијата констатирала дека не се исполнети основните услови за натамошна реализација на Пописот. – Во најголема мера ова се однесува на  нееднаквата примена на методологијата утврдена од страна на Државниот завод за статистика, а усогласена со Еуростат во делот кој го разработува членот 6, став 3, членот 40 и членот 42 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија 2011 година, стои во соопштението од Државната пописна комисија во кое се додава дека поради овие причини Комисијата констатирала дека Пописот не може да резултира со релевантни податоци и оти ДПК не може понатаму да ги исполнува своите законски обврски.“,Дневник, 11.10.2011.

„Владата официјално молчеше занајновиот развој на настаните кој резултираше со прекин на пописот. Премиерот Груевски не сакаше да одговори што ќе се преземе за надминување на проблемот. Наместо него, пред медиумите се појави вицепремиерот Муса Џафери. Најави дека утре Владата на вонредна седница, а парламентот веќе задутре ќе решат за пописот“, ТВ Алфа, 11.10.2011.

Во продолжение, доминираа отворените меѓупартиските обвинувања дека неуспехот од спроведувањето на пописот е резултат на внатрешните коалициски односи во Владата, односно меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Во медиумите беше објавена непотврдената информација дека премиерот Груевски спречил пописен фалсификат, поддржана од изјавите на пратениците на ВМРО – ДПМНЕ. Акцентот во прилозите беше ставен на бројноста на албанското население односно дека процентот на албанското население би бил помал од претходниот попис:

„Според заклучокот кој следел по средбата на коалиционите партнери, ако се дозволело пописот да продолжи вака на крајот немало да се добие реална бројка на населението, особено на етничките заедници, која би можела да го доведе во прашање процентот на албанско население од 25,2 % колку што беа избројани на минатиот попис.“, Дневник, 11.10.2011.

Со донесувањето на Законот за укинување на пописот по скратена постапка, во Парламентот на РМ, бројот на новинарските прилози драстично се намали. Притоа, како единствено толкување за причините за прекин на пописот и евентуалниот нов датум за одржување попис, беа изјавите на вицепремиерот Муса Џафери, со нагласок на стабилните односи меѓу коалиционите партнери.

„Секој одговор дека ние не чувствуваме одговорност за пописот нема да звучи сериозно. До која мерка, поради што, тоа е предмет на анализа. Ние не бегаме од тоа. Од првиот ден кога се договоривме дека ќе бидеме дел од власта ја прифативме одговорноста за сите работи. Но, треба да ги разгледаме сите фактори зошто се случи тоа и зошто целиот процес отиде во тој правец. Нема да биде дозволено да влеземе во друга фаза без да бидеме подготвени. Ова го одговори вицепремиерот за Рамковен договор Муса Џафери на денешниот брифинг со новинарите запрашан за тоа кој ќе ја сноси политичката одговорност за прекинот на пописот во Македонија. Тој смета дека нема потреба од лидерска средба за пописот и додава дека лидерот на ДУИ Али Ахмети и премиерот Никола Груевски се во редовна комуникација.“,Дневник, 14.10.2011.

„Ова нема да влијае на влошување на односите во коалицијата која функционира нормално, тврди лидерот на ДУИ, Али Ахмети“, Алфа, 13.10.2011.

Во прилозите нема податоци за висината на потрошените средства за спроведување на неуспешниот попис, а има најави за евентуален нов пописен модел:

„Нема да биде изненадување коалициските партнери за мир во куќа спроведувањето на пописот да го одложат за неколку години. Според високи партиски функционери, веќе се размислува и за целосна промена на моделот за спроведување попис со преземање на словенечкото искуство каде што евиденцијата на населението се врши по електронски пат.“, Дневник, 12.10.2011.

Откако пописот беше прекинат регистрирани се написи во кои се ралативизира неговото значење и се истакнува дека и без него државата знае колку граѓани има и дека „статистичката операција што ја спроведува државата на секои десет години на терен е всушност проверка дали институциите на државата правилно процениле, но и дали точно ги евидентирале граѓаните(„И без попис ќе се преброиме“, Нова Македонија, 15.10.2011). Овој текст дава информации за тоа како државните институции, без попис ја следат бројноста на населението, неговата етничка структура, внатрешните и надворешните миграции, наталитетот и др. На ваков начин се минимизира значењето на пописот и се истакнува дека „во периодот меѓу два пописи државата своите политики во однос на социјалните пакети, здравствените услуги, инфраструктурата, економијата, образованието и слично, ги темели врз основа на процени што ги прави Државниот завод за статистика“.

Донатори

USAID

FOOM

Напомена

Интернет - страницата е дел од проектот „Пописот е демократија, а не само етничка бројка!“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондација Отворено општество Македонија.
Информациите објавени на оваа интернет - страница не се официјални информации на Владата на САД и не ги претставуваат погледите и позициите на Агенцијата на Соединетите Американски Држави за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на САД.

Партнери

NVO Infocentar CRM
 
8-mi Septemvri MCET