Поврзете се со нас

Информирањето на медиумите за Пописот 2011

Мониторингот на медиумското покривање на Пописот 2011 година, го опфаќа периодот од 15 септември, до 15 октомври 2011 година. Во него се вклучени дневните весници (нивните архиви на интернет-страниците): „Дневник“, „Нова Македонија“, „Утрински весник“ и „Вечер“, како и централните вести на националните телевизии (од архивата на НВО Инфоцентарот): Алфа и Алсат М (на македонски јазик). Бидејќи станува збор за ретроактивен мониторинг, изборот на медиумите е направен врз основа на можноста да се обезбеди комплетен материјал за периодот на кој се однесува анализата.

Медиумите, почнувајќи од средината на септември 2011 година, редовно и навремено го следеа развојот на настаните поврзани со спроведувањето на Пописот 2011, во Република Македонија. Медиумите главно беа фокусирани на политичките несогласувања во ДПК односно на различното толкување на членовите во Законот за попис, особено за тоа кои лица ќе бидат опфатени со пописот и со кои документи ќе се врши идентификација на лицата кои се попишуваат, на техничките проблеми, како и на недоволниот број попишувачи од етничките заедници во определени региони.

Но, она што посебно треба да се истакне е тоа дека уште пред почетокот на пописот, акцентот на толкување на проблемите е ставен пред сѐ врз пребројувањето на населението по етнички клуч:

„Партиската интервенција на претходните пописи беше клучна за конечниот изглед на демографската и етничката слика на Македонија во изминативе 20 децении. Бројките се менуваа во зависност од тоа дали одредена етничка партија повикуваше на бојкот или, пак, даваше инструкции, на пример, целото муслиманско население да биде подведено под една етничка заедница (на пример албанската), иако не е така.“, Нова Македонија, 23.09.2011.

„Изминатиов период се јавија доста неистомисленици за тоа во кој термин треба да се реализира најголемата статистичка операција во државата. Главно партиите од опозицијата во албанскиот политички блок сметаат дека пописот не треба да се одвива од 1 до 15 октомври бидејќи според нив, најголем дел од етничките Албанци во овој период не се во државата и доаѓаат во Македонија во летниот период. Тие предлагаа пописот да се одржи во јули. Други пак бараа наместо како што предвидува законот, да бидат опфатени оние лица кои една година имаат жителство во Македонија, да бидат попишани и оние кои во последната година барем еднаш биле во државата.“, Вечер, 30.09.2011.

Медиумите, потсетувајќи на настаните поврзани со претходните пописи во независна Македонија, во 1994 и 2002 година, повторно акцентот го ставаа на правата на етничките заедници, на локално и на национално ниво, кои се процентуално врзани со Рамковниот договор. Така, пописот од статистичка операција, прерасна во инструмент за остварување на правата на етничките групи:

„Од бројноста на одредена етничка заедница зависи правото на вработување во јавната администрација, правото на употреба на јазиците, правото на медиумско информирање на мајчин јазик, образованието на мајчин јазик. Од бројноста на заедницата зависи и колку буџетски пари ќе бидат распределени за одредени политики – објаснува Весна Бабиќ Петровска, директорка на Агенцијата за остварување на правата на заедниците.“ – Нова Македонија, 23.09.2011

Донатори

USAID

FOOM

Напомена

Интернет - страницата е дел од проектот „Пописот е демократија, а не само етничка бројка!“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондација Отворено општество Македонија.
Информациите објавени на оваа интернет - страница не се официјални информации на Владата на САД и не ги претставуваат погледите и позициите на Агенцијата на Соединетите Американски Држави за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на САД.

Партнери

NVO Infocentar CRM
 
8-mi Septemvri MCET