Поврзете се со нас

Информирањето на медиумите за Пописот 2011

Во медиумите нема анализа на контрадикторните толкувања на спорните членови од Законот. Се пренесуваа само изјавите и спротивставените мислења, и тоа главно меѓу претседателката на ДПК, Весна Јаневска и членовите од албанска и турска национална припадност. Се добива впечаток дека политичките несогласувања се одвиваа единствено во арената на ДПК и дека не влијаеа врз односите на владејачката коалиција меѓу ВМРО – ДМПНЕ и ДУИ:

„Четири дена пред почетокот на пописот населението, повторно дебата за тоа кои граѓани ќе можат да се попишат, а кои не. Со оглед на тоа дека за ова прашање до сега не беше разговарано, во ДПК денеска, судирите меѓу претседателката Јаневска и членовите Албанци беа остри. Иако работат врз основа на еден ист закон, секој член си го чита различно“,Алсат М, 26.09.2011.

„Мене државата ме овластила најодговорно да ја спроведам статистичката операција и јас тоа ќе го правам исклучиво по закон. Законот е донесен, законот е дециден, препораките и методологијата на ЕУРОСТАТ се децидни и јас сум обврзана да работам по нив“, изјава од претседателка на ДПК, Весна Јаневска, Алсат М, 26.09.201.

„Во согласност со Законот за попис, како што сум убеден и јас и членовите Албанци во комисијата, членот 40 е многу јасен. Таму таксативно се вели, цитирам: За членовите кои не се таму при попишувањето податоците за нив ги дава близок член на семејството или друго лице кое ги има податоците. Ова значи дека кој има некој документ за идентификација. Мислам дека таа изјава е нејзина лична изјава и нема никаква врска со пописната комисија бидејќи за тоа не е дебатирано во неа.“, изјава на Милаим Адеми, член на ДПК, Алсат М, 26.09.2011.

Медиумите без коментар ја пренесоа изјавата на заменикот-претседател на ДПК, Абдулменаф Беџети, по повод неговата оставка во ДПК, како и оставките на шесте албански членови во Комисијата, дадени непосредно пред почетокот на пописот,а проследени со изјавата на претседателката Весна Јаневска дека „се е подготвено, попис ќе има“ и дека:

„Беџети денеска ја потврди својата оставка, но одби да соопшти кое било официјалното образложение за тој чин. Претседателката на Комисијата, Весна Јаневска вчера категорично најави дека нема дилеми и оти попис ќе има.“, Дневник, 30.09.2011.

Во прилозите веќе се препознаваа „виновниците“ за тензијата пред почетокот на пописот: „Проблемите настанаа откако претставници на албанската заедница побараа да се попишуваат и лицата што во странство престојуваат повеќе од 12 месеци доколку во изминатата година барем еднаш престојувале во Македонија.“, Нова Македонија, 01.10.2011. Изјавата на претседателката на ДПК, Весна Јаневска, по повод нејзината оставка, ден пред почетокот на пописот, во која отворено го напаѓа албанскиот политички блок за евентуален пописен фалсификат, поточно коалициониот партнер во Владата, ДУИ, помина без подлабока анализа и коментар во медиумите. Таа, во нејзината оставка, посредно потврдува дека Владата расправала за ситуацијата во ДПК, но во медиумите отсуствуваат какви било коментари или ставови од официјални владини претставници или канали:

„Судам и проценувам дека во Македонија се спрема уште еден голем пописен фалсификат кој произлегува од моите досегашни сознанија. Колегите од ДПК, од албанската и турската националност, или етникум, се извинувам, не оставија минимум простор за доверба дека овој процес ќе се одвива така како што треба. Ние се судривме на суштински прашања, а тоа е дали во овој попис може да се употребува фотокопија од лична карта или пасош, што е апсолутно спротивно на законот, и што е апсолутно спротивно на методологијата на ЕУРОСТАТ. Второто битно прашање на кое се судривме, а за кое се дискутираше и на повисоко ниво, е пописот на граѓани или државјани на Република Македонија кои се повеќе од дванаесет месеци отсутни од оваа земја. Тоа е апсолутно спротивно на законот, и е апсолутно спротивно на методологијата на ЕУРОСТАТ.“, изјава на Весна Јаневска, Алсат М, 30.09.2011.

„Сметам и проценувам дека во Република Македонија се спрема уште еден голем пописен фалсификат – вели Јаневска за причините за оставката. По оставката Пописната комисија одржа седница на која ја назначи Слободанка Гиевска за нов претседател на Комисијата. На местото на Беџети кој вчера си поднесе оставка, како нов потпретседател на Комисијата доаѓа Бујар Османи. Нови членови на комисијата ќе бидат и Лазар Трајчев, Орце Тодоровски, Артан Груби и Живко Пејковски. И покрај рокадите, пописот започнува оваа сабота во 8 часот.“, Вечер, 01.10.2011.

Владата, во овој период, единствено официјално се огласи со инструкциите до избраните попишувачи: „Сите боледувања и други документи врз основа на кои попишувачите од администрацијата бараат изземање, ќе бидат предмет на проверка од стручни (лекарски) комисии и секоја злоупотреба ќе се казни со закон. Ова е заклучок на Владата во однос на процесот на попис на населението, домаќинствата и становите во Македонија, што започна на 1 октомври.“, Вечер, 01.10.2011.

Од денот на започнување на пописот, па се до неговото прекинување на 11 октомври, медиумите обилно известуваа за пописниот процес и главно информираа за техничките проблеми и недоволниот број попишувачи од етничките заедници во определени региони:

„Само 60 проценти од пописните тимови се формирани и се на терен, во Тетовско и во Струшко се одвива невалиден попис и се’ уште не е познато дали целата операција ќе заврши во законски предвидениот рок до 15 октомври. Ова се само дел од проблемите на кои се наидува вeќе четврти ден од почетокот на пописот.“, Утрински весник, 04.10.2011.

Едновремено, новинарите интензивно известуваа за обвинувањата од опозицијата за низа нерегуларности и нарушен кредибилитетот на целата операција, за разногласјето меѓу членовите во ДПК околу толкувањето на член 6 и член 40 од Законот за попис,  а имаше и прилози за евентуално продолжување на попишувањето. Паралелно беа пренесувани спротивставените изјави на претседателката на ДПК, Слободанка Гиевска и потпретседателот на Комисијата, Бујар Османи:

„Османи вчера негираше дека манипулира со медиумите и оти изјавите за пописот ги давал во зависност од тоа дали станува збор за македонски или за медиум на албански јазик. Тој вината ја префрли на новинарите.- Прашање е зошто некои новинари погрешно ги интерпретираат моите изјави – вели Османи.Тој за телевизијата „Алсат-М“ изјави дека ќе бидат попишани сите иселеници кои изминатава година биле во земјава, додека за некои македонски медиуми изјави дека ќе се попишуваат само тие кои најмногу една година се надвор од Македонија.“, Дневник, 04.10.2011.

Гиевска не сакаше да открие дали албанските претставници во ДПK застапуваат ставови со кои се брани и бара попишување на начин за кој таа смета дека е незаконит. Заменик-претседателот Бујар Османи неколкупати бараше попис со таква методологија…Тоа што го соопштила претседателката на ДПK, Слободанка Гиевска, е нејзин личен став, но не е и став на Kомисијата, реагира заменик-претседателот Бујар Османи.“, Дневник, 06.10.2011.

„Коментирајќи ги информациите дека има различни ставови со потпретседателот на Комисијата, Бујар Османи, Гиевска рече дека ДПК нема обврска да зазема заеднички гледишта, туку да работи согласно закон.“, Утрински весник, 06.10.2011

Донатори

USAID

FOOM

Напомена

Интернет - страницата е дел од проектот „Пописот е демократија, а не само етничка бројка!“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондација Отворено општество Македонија.
Информациите објавени на оваа интернет - страница не се официјални информации на Владата на САД и не ги претставуваат погледите и позициите на Агенцијата на Соединетите Американски Држави за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на САД.

Партнери

NVO Infocentar CRM
 
8-mi Septemvri MCET