Пописот 2021 почна на 5 септември и траеше 26 дена односно заврши на 30 септември. Според официјалните резултати на Државниот завод за статистика (ДЗС), вкупно се попишани 1.832.696 граѓани, над 568 илјади домаќинства и 837.255 станови.
Директорот на државниот завод за статистика, Апостол Симовски, изјави дека бројката на оние граѓани кои одбиле да се попишат е многу мала, но дека деновиве точно ќе се знае колку лица одбиле да се попишат. Бројката е занемарувачка, рече Симовски, и може да се изрази во промили, не во проценти.
– Пописот е успешно спроведен. Земјава покажа дека има капацитет да спроведе ваква тешка статистичка операција. Сите домови беа посетени, сите граѓани беа дел од пописот, а оние кои не беа опфатени, а се дел од базите на податоци, ќе бидат вклучени во пописот, истакна Симовски.
Од дијаспората, вкупно се попишале 204.805 граѓани, од кои најмногу од западноевропските земји, а помал интерес има на иселениците од прекуокеанските земји.
Според ДЗС на 91% од сите објекти во државава биле предмет на пописот, а 9% не се вклучени бидејќи не се објекти за домување.
Пописот 2021 се спроведе под строги здравствени протоколи и во услови на КОВИД-19 пандемија, во согласност со новата методологија според стандардите на ЕВРОСТАТ и првпат со комбиниран модел – освен собирање податоци на терен, се користеа и податоци од т.н. претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот, автоматски се повлекуваа сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.
Првата недела Пописот се одвиваше со кратки застои поради технички проблеми, а на 9 септември процесот на попишување беше времено прекинат. Државниот завод за статистика ја извести јавноста дека интернет-страниците на Попис 2021 се цел на постојани хакерски напади и дека заради заштитите што се користат, тие во одредени периоди не се достапни.
„При спроведување на големи акции од типот на попис, со користење на високософистицирана технологија, сосема нормално е да се појавуваат технички проблеми кои се надминуваат во од, односно во најкус можен рок. “, соопштија тогаш од Државниот завод за статистика.
Втората и третата недела од пописот се одвиваа без проблеми и со поголем интензитет. Дневно се попишуваа во просек по 100.000 граѓани. Во Државниот завод за статистика беше отворен пописен штаб кој веднаш реагираше на проблемите при процесот на попишување.
– Исклучително сме задоволни, и од темпото и од работата на попишувачите. Се надеваме дека ваквото темпо ќе продолжи и дека без никаков проблем ќе го завршиме пописот во предвидениот рок, уверуваше директорот Симовски.
ДЗС на почетокот на пописот објави броеви од инфо-центарот на кои можеше да се јави секој граѓанин доколку имаше прашања или нејаснотии поврзани со попишувањето.
Граѓаните најчесто се јавуваа поради одредени дилеми поврзани со пописот. Тие прашуваа дали може да се попишат само со лична карта, дали ќе бидат казнети ако попишувачот не ги најде дома, зошто попишувачот им поставил малку прашања, дали може да добијат увид во нивните податоци и др. Од Државниот завод за статистика изјавија дека сите граѓани кои се јавуваа во инфо-центарот добиле одговори на поставените прашања.
Бесплатна телефонска линија отвори и Народниот правобранител за граѓаните да можат да пријават евентуални повреди на нивните права при попишувањето.
Државниот завод за статистика во следните неколку дена треба да ги направи последните проверки и да ги сумира податоците, како и техничките активности за раздолжување на попишувачите.
Податоците од Пописот ќе бидат објавени најдоцна до март следната година, иако, директорот Симовски најави дека тие ќе бидат објавени и порано односно во јануари 2022 година.
Прилогот е подготвен од НВО Инфоцентарот во рамки на Проектот за граѓанско учество со поддршка на американскиот народ преку агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Мислењата изразени во прилогот му припаѓаат на НВО Инфоцентарот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.