
„Нека ни е честито. Република Северна Македонија после 20 години има успешен попис“.
Со овие зборови, директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, на вечерната прес-конфернеција за јавноста официјално го означи Пописот како успешен.
Според официјалните резултати што тој ги соопшти, вкупно се попишале 1.832.696 граѓани, над 568 илјади домаќинства и 837.255 станови во државата.
Симовски рече дека 91% од сите објекти во државата биле предмет на пописот, а 9% не биле предмет на попис, бидејќи не се објекти за домување.
„Целосно и успешно го опфативме севкупното населние кое живее во државата“, рече Симовски.
Од дијаспората, вкупно се попишале 204.805 граѓани, од кои најмногу од западноевропските земји, а помал интерес имало од прекуокеанските земји.
На прес-конференцијата беше кажано и дека попишувачите биле упорни и ги посетувале оние граѓани кои првично не ги пронаоѓале во домовите. Постоела и можноста за попишување во некоја од канцелариите на ДЗС.
Симовски објасни и дека и оние малку граѓани кои не биле попишани, сепак нема да останат непопишани, бидејќи при обработката, ќе се користат постојните бази на податоци.
Директорот на ДЗС, објасни и дека следува период на обработка на податоците. Им честиташе на сите вработени во ДЗС, комисиите, реонските инструктори и попишувачи, медумите, граѓанските организации, како и до сите граѓани.
Податоците од Пописот ќе бидат објавени најдоцна до март следната година.
Пописот почна на петти септември и траеше заклучно со 30 септември во 20 часот.
Прилогот е подготвен со поддршка на Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ). Содржината е одговорност на НВО Инфоцентарот и таа не ги одразува секогаш ставовите на ФООМ.




