Поврзете се со нас

Завршна дебата „Пописот е демократија а не само етничка бројка“

10168906_10203171455940017_1354479274_nНа 25-јуни се одржа завршната дебата од кампањата „Попис веднаш!“ во организација на НВО  Инфоцентар, Центарот за развој на медиуми, Македонскиот центар за европско образование и 8-ми септември. Дискусијата ја модерираше Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), а дебатираа панелистите: Дончо Герасимовски, статистичар и поранеше директор на Заводот за статистика; Абдулменаф Беџети, професор и поранешен потпретседател на Државната пописна комисија; Фросина Ременски, професорка на Факултетот за државна безбедност, Афердита Хаџијаха Имери експертка за социјална вклученост, Бранко Героски, новинар и Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар.

Зборувајќи за значењето на пописот, поранешниот директор на Државниот завод за статистика, Дочно Герасимовски, истакна дека единствено преку сложената операција на пописот, можат да се добијат информации и податоци кои се меѓународно споредливи. Според него, квалитетен попис може да се изврши само доколку има и квалитетни подготовки кои траат и неколку години пред започнувањето на пописниот процес.

Поранешниот заменик претседател на Државната пописна комисија, Амбдулменаф Беџети, осврнувајќи се на последниот неуспешен попис, оцени дека процесот не бил успешен бидејќи институциите не биле подготвени. Беџети исто така подвлече дека од актуелната владејачка гарнитура не може да се очекува спроведување на квалитетен попис.

Владата и без да направи попис многу добро ја знае старосната структура на населението во Македонија, смета професорката Фросина Ременски. Според нејзе, сите популистички мерки на Владата кон старите лица, јасно покажува дека старите лица се најбројната категорија во Македонија особено ако се земат предвид истражувањата на сериозни меѓународни институции кои покажуваат дека во последните осум години Македонија ја напуштиле без малку половина милион граѓани.

Афердита Имери потенцираше дека пописот е најрелевантната алатка за утврдување на бројот и распоредот на ранливите категории на граѓани, како и за натамошно градење на стратегии за унапредување на животот на овие лица. Според Имери невозможно е да се градат и спроведуваат стратегии кои се засновани на податоци добиени од последниот попис одржан пред 12 години.

Уредникот на „Слободен печат“ Бранко Героски забележа дека последниот обид за попис пропаднал, единствено поради тоа што владејачките структури сфатиле дека во Македонија исчезнува народ, односно дека големиот број на иселувања е застапен во сите етнички заедници, што според Героски претставува пораз на политиките на Владата.

Кампањата „Попис веднаш!“ е дел од проектот „Пописот е демократија, а не само етничка бројка“, кој се спроведува со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ) преку Проектот на УСАИД за граѓанско општество.

 

Донатори

USAID

FOOM

Напомена

Интернет - страницата е дел од проектот „Пописот е демократија, а не само етничка бројка!“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондација Отворено општество Македонија.
Информациите објавени на оваа интернет - страница не се официјални информации на Владата на САД и не ги претставуваат погледите и позициите на Агенцијата на Соединетите Американски Држави за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на САД.

Партнери

NVO Infocentar CRM
 
8-mi Septemvri MCET