Поврзете се со нас

Втора недела од Пописот 2021: Попишувањето интензивно, надмина 1 милион попишани граѓани

 

Втората недела од пописот се одвиваше без никакви технички проблеми и со забрзано темпо. Откако беа отстранети проблемите со сајбер нападите на интернет страницата на Државниот завод за статистика (ДЗС) што се појавуваа во првата недела, процесот се интензивираше и во изминатите седум дена беа попишани над 600.000 лица. Заклучно со крајот на втората недела, ДЗС соопшти дека попишувачите евидентирале над еден милион граѓани.

– Државниот завод за статистика ја информира јавноста дека попишувањето оди во најдобар ред и во согласност со планираниот интензитет, информираа од ДЗС.

Во текот на работните денови, просекот на попишување се движи околу 100.000 лица дневно, додека за време на викендите оваа бројка е поголема.

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, на прес- конференција изјави дека процесот се одвива со посакуваниот интензитет, без никакви застои и проблеми.

– Исклучително сме задоволни, и од темпото и од работата на попишувачите. Се надеваме дека ваквото темпо ќе продолжи и дека без никаков проблем ќе го завршиме пописот во предвидениот рок, рече Симовски.

Во Државниот завод за статистика има пописен штаб кој веднаш реагира доколку се случат какви било проблеми при процесот на попишување. Оттаму уверуваат дека нема да има никави пречки и дека пописот успешно ќе заврши до крајниот рок, на 30 септември.

За некој да биде попишан потребно е да поседува валиден личен документ. Таму каде што недостига некој член од домаќинството, вели Симовски, попишувачите договараат термин кога тоа лице ќе биде присутно за повторно да отидат и да го попишат.

Попишувачите на теренот се соочуваат со малубројни граѓани кои одбиваат да се попишат. Доколку има вакви случаи, вели Симовски, со нив разговара државен инструктор и член на пописна комисија, и најчеста пракса е тие луѓе да се убедат и да се попишат.

– Не применуваме никакви санкции се уште и се надеваме дека тоа нема да се случи до крајот на попишувањето, односно дека ќе успееме овие луѓе да ги убедиме дека, онаа пропаганда против спроведувањето на пописот се дезинформации и дека целта е сосема друга, изјави Симовски.

Во однос на исплатата на попишувачите, од ДЗС велат дека нивните хонорари ќе бидат исплатени до последен денар и дека нема потреба да стравуваат од тој аспект.

Директорот на ДЗС Апостол Симовски постојано е на терен и следи како се одвива попишувањето. Изминатата недела тој беше во Дебар и во Маврово Ростуше каде се сретна со претставници на пописната комисија и со градоначалниците на овие две општини.

– Целта на нашата посета беше одблску да се запознаеме со текот на пописните активности во пописен реон 24, што ги опфаќа општините Дебар и Центар Жупа. Можам да кажам дека овде пописот се одвива според планираната динамика. На ова подрачје до сега не е регистриран случај на одвивање за попишување, рече тој.

Граѓаните кои имаат дилеми и нејаснотии во врска со процесот на попишување можат да се обратат во бирото за попис и на телефонските броеви кои се објавени на интернет-страницата: popis2021.stat.gov.mk.

 

Прилогот е подготвен од НВО Инфоцентарот со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Мислењата изразени во прилогот му припаѓаат на НВО Инфоцентарот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.

 

 

USAID

Напомена

Оваа интернет-страница е редизајнирана со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Информациите објавени на оваа интернет - страница му припаѓаат на НВО Инфоцентарот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.

NVO Infocentar