
Државниот завод за статистика преку соопштение ја извести јавноста дека по почетокот на Пописот веб-страниците се цел на напади.
Тоа, како што соопштија е причината поради која, веб-страниците на ДЗС и онаа за пописот повремено не се достапни.
Во соопштението од ДЗС пишува: „Во последниве денови, веб-страниците на Државниот завод за статистика се под постојани напади и затоа во одредени периоди не се достапни поради заштитите што се користат за спречување на овие напади“
Од Државниот завод за статистика информираа дека страниците се со највисоко ниво на безбедност, а податоците се заштитени на повеќе нивоа по највисоките ИТ стандарди.
Апелираат до јавноста да има разбирање за овие технички проблеми кои, како што велат, се вообичаени кога станува збор за масовни операции со користење напредни технологии.
„Повторуваме дека процесот на попишување е во рамки на планираното и очекуваното и тој ќе биде целосно, успешно и крајно професионално завршен до 30 септември“, стои во соопштението од ДЗС.
Прилогот е подготвен со поддршка на Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ). Содржината е одговорност на НВО Инфоцентарот и таа не ги одразува секогаш ставовите на ФООМ.




