Зошто во Македонија не може да се спроведе регуларен попис и зошто тој се гледа главно низ етничката призма, беа главните прашања кои се дискутираа на денешната дебата во Тетово, насловена „Пописот е демократија, а не само етничка бројка!“.
На дебатата „ Пописот е демократија, а не само етничка бројка!“ , организирана со цел да се поттикне јавната расправа за итно одржување на деполитизиран попис, говореа Љупчо Петковски од МЦЕО, д-р Салајдин Салиу од Државниот универзитет во Тетово, Афердита Хаџијаха Имери од регионалната организација „Лабораторија за општествени иновации“.
Афердита Хаџијаха Имери истакна дека пописот во една држава е важен бидејќи служи како основа за креирање на политиките и регулативите. Според неа, пописот не треба да се гледа низ етничката призма, туку како збир од податоци врз кои се определуваат параметрите за развој на државата.
Професорот Салиу посочи дека е неопходно да се спроведе итен попис. За него, пописот во 2011 година пропадна од политички причини. „Како и на сите проблемите, така и на проблематиката со пописот се става етнички предзнак што е во корист на политичките елити, а не е во функција на решавање на проблемите на граѓаните“, истакна Салиу.
Присутните гости на трибината побараа итно спроведување деполитизиран попис, лобирање кон институциите и јавна дебата за ова прашање.
Настанот е дел од кампањата „Попис веднаш!“, во чии рамки ќе бидат организирани неколку дебати низ Македонија. Наредната дебата е закажана за 4 јуни 2014, во хотел Тивериопол, во Струмица.
Проектот „Пописот е демократија, а не само етничка бројка!“ го спроведуваат НВО Инфоцентар, Македонскиот центар за европско образование, Центарот за развој на медиуми и 8-ми Септември, со поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, спроведуван од Фондацијата Отворено општество Македонија.