
Од почетокот на Пописот на 5 септември до вчера до 20 часот попишани се вкупно 512.457 лица, 158.519 домаќинства и 212.464 станови.
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, на денешната прес конференција изјави дека процесот се одвива со посакуваниот интензитет, без никакви застои и проблеми.
– Вчера, попишавме точно 93.235 лица, 29.491 домаќинство и 40.155 станови. Ова се навистина прекрасни податоци, особено што се работи за работен ден, за разлика од претходните кога беа за време на викенд и очекувано беа повисоки, бидејќи населението е дома. Исклучително сме задоволни и од темпото и од работата на попишувачите и се надеваме дека ваквото темпо ќе продолжи и понатаму и без никаков проблем ќе го завршиме пописот во предвидениот рок, вели Симовски.
Директорот на ДЗС рече дека малите технички застои кои се појавија во првите денови се надминати и веќе три дена по ред без никакви проблеми се спроведува попишувањето и интензитетот е исклучително задоволувачки.
– Очекувам наредниот период да нема повеќе вакви случаи, но и да се случат, постои цел тим зад нас, кој постојано е подготвен и дежура. Има голем пописен штаб, каде што за секој дел и од техничките решенија и методолошките прашања веднаш се решаваат. Не очекуваме никакви проблеми и мислам дека некаде на крајот на месецот ќе објавиме конечно дека сме завршиле успешно со пописот и операцијата е целосно готова, изјави Симовски.
Одбивањата на попишување се незначителни, рече директорот на ДЗС, но точна бројка за колку лица станува број, очекува да добие денеска.
– Таму каде што имаме првично одбивање, одиме и разговараме. Оди нашиот државен инструктор и член на пописна комисија и досега, најчеста пракса е тие луѓе да се убедат и попишат. Не применуваме никакви санкции се уште и се надеваме дека тоа нема да се случи до крајот на попишувањето, односно дека ќе успееме овие луѓе да ги убедиме дека, онаа пропаганда против спроведувањето на пописот се дезинформации и целта е сосема друга, изјави Симовски.
Паралелно со Пописот во државава тече и процесот на самопопишување на дијаспората и досега тоа го сториле 192538 граѓани.
Прилогот е подготвен со поддршка на Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ). Содржината е одговорност на НВО Инфоцентарот и таа не ги одразува секогаш ставовите на ФООМ.




