Поврзете се со нас

Прва недела: Техничките проблеми се надминати, пописот продолжува

 

Пописот на населението, домаќинствата и становите почна на 5 септември и за една недела попишани се вкупно 308.551 лица, 95.040 домаќинства и 130.107 станови.

Изминатата недела Пописот се одвиваше со кратки застои поради технички проблеми, но од Државниот завод за статистика велат дека тие се надминати и дека попишувањето се спроведува со посакуваниот интензитет.

Проблемите настана во вториот ден од пописот, а на 9 септември процесот на попишување беше времено прекинат. Државниот завод за статистика ја извести јавноста дека интернет-страниците на Попис 2021 се цел на постојани напади и дека заради  заштитите што се користат, тие во одредени периоди не се достапни.

„При спроведување на големи акции од типот на попис, со користење на високософистицирана технологија, сосема нормално е да се појавуваат технички проблеми кои се надминуваат во од, односно во најкус можен рок. Зад оваа статистичка операција стои експертски тим за поддршка кој им е постојано на располагање на попишувачите и кој во живо го следи процесот на попишување на терен и интервенира во истиот момент доколку се појави некој проблем“, соопштија од Државниот завод за статистика.

Сите податоци кои досега се внесени, како што информираа оттаму, успешно се процесирани во системот, а техничките усогласувања се прават за процесот да продолжи со несмален интензитет.

Уверуваат дека и покрај прекините на Пописот, оваа важна статистичка операција успешно ќе заврши до крајот на месецот.

„Процесот на попишување е во рамки на планираното и очекуваното и тој ќе биде целосно, успешно и крајно професионално завршен до 30 септември“, соопштија од ДЗС.

Апелираат до граѓаните да ги примат попишувачите во своите домови со доверба и почит и да им ги дадат потребните податоци, а директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, соопшти дека досега не е изречена ниту една казна за одбивање за попишување.

Попишувачите имаат специјални овластувања издадени од Државниот завод за статистика и брендирани маици на кои е напишано логото Попис 2021. Попишувачот пред да го почне процесот на попишување треба да го покаже овластувањето и со својата лична карта да се идентификува, а доколку лицето нема такво овластување, Државниот завод за статистика апелира граѓаните да не го примат во својот дом.

Државниот завод за статистика објави броеви на инфо-центарот на кои може да се јави секој граѓанин доколку има прашања или нејаснотии поврзани со попишувањето. На располагање на граѓаните им се четири телефонски броеви: 075 402 335, 071 483 293, 071 483 641 и 070 336 406.

Бесплатна телефонска линија 0800 54321, на којашто граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на нивните права за време на Пописот е отворена и во канцеларијата на Народниот правобранител.

„По пријавите на граѓаните ќе се постапува веднаш, односно нема да биде следена вообичаената постапка за поднесување претставка, туку претставки ќе се составуваат телефонски. Важно е да се истакне дека Народниот правобранител правата на граѓаните ќе ги штити со барање брзо и ефикасно постапување од надлежните органи во процесот на пописот и изборите, и од другите институции кои се должни да им обезбедат заштита на загарантираните права на граѓаните“, соопштија од канцеларијата на Народниот правобранител.

Од Државниот завод за статистика велат дека здравствената состојба на попишувачите засега е добра и попишувањето се одвива според предвидените антиковид протоколи. Попишувачите немаат список на лица кои се во изолација, бидејќи се тоа лични податоци, но попишувачите ќе добијат адреси на лица коишто во тој момент се во изолација и со нив ќе се договорат кога ќе може да се спроведе пописот, според правилата за такви ситуации.

Државниот завод за статистика објави дека со зголемено темпо тече процесот на самопопишување на дијаспората и досега се евидентирани 192.340 македонски граѓани кои живеат или работат во странство.

Самопопишувањето на иселениците почна на 1 март и ќе трае до крајот на пописот кој завршува на 30 септември.

 

Прилогот е подготвен од НВО Инфоцентарот со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Мислењата изразени во прилогот му припаѓаат на НВО Инфоцентарот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави

USAID

Напомена

Оваа интернет-страница е редизајнирана со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Информациите објавени на оваа интернет - страница му припаѓаат на НВО Инфоцентарот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.

NVO Infocentar