Поврзете се со нас

Пописот не е само бројка – од него зависи квалитетот на живот

 „Недостигаат 2000 негувателки и воспитувачки“, „Долги се листите за чекање за сместување на децата во постојните скопски градинки, „Недостиг од лекари-специјалисти во Источна Македонија“, „Недостиг од работна сила во Северна Македонија“.

Ова се само дел од насловите во медимите кои често ги читаме, а кои се однесуваат на некаков недостиг од јавни услуги за различни категории граѓани.

Во медиумите може да се сретнат и вакви наслови: „Во институциите има превработеност, но и недостиг од стручен кадар“. Ова укажува на несразмерност – од една страна, има превработеност, но од друга страна, недостиг.

Овие вести  кои укажуваат на нерамномерност или недостиг во речиси сите општествени сфери (вработување, економија, земјоделство, образование, здравство, инфраструктура, социјала и др.), претставуваат уште еден важен индикатор за тоа колку  ни е неопходен попис во земјава.

Северна Македонија е единствената држава во светот без попис речиси 20 години. А тоа, директно влијае врз квалитетот на живот на граѓаните.

Со целосни бројки за демографијата, густината на населението, со сеопфатни податоци за домувањето и други индикатори, државата може многу попрецизно да процени какви се потребите на граѓаните и според тоа да ги проектира идните политики во сите области.

Државата без попис не може прецизно да пресмета каков е растот на економијата, колкаво е и какво работоспособното население. Ова на пример, е мошне важно за инвеститорите да знаат точно кој регион со колку и со каква работна сила располага.

Во делот на земјоделството, со пописот ќе се добие прецизен податок за тоа колкав процент од граѓаните се занимаваат со оваа дејност. Тоа би можело понатаму да се пресмета и на ниво на региони, односно да се види во кој регион од државата  има најмногу земјоделци, па така Министерството за земјоделство и Владата ќе можат соодветно да ги проектираат буџетите и идните политики во оваа област.

Образованието е една од оние области каде што најмногу се гледа потребата од точни податоци за бројот на деца по региони. Со тоа полесно ќе се планира изградбата на училишта и ќе се планираат образовните политики.

Податоците од пописот ќе дадат одговори и на прашањата за локалната и регионалната инфраструктура, во смисла на транспорт на луѓе, потребата од патишта, рамномерен регионален развој и др.

Пописот е масовно статистичко истражување кое се подготвува со години. Целта е да обезбеди сеопфатни, ажурирани и меѓународно споредливи статистички податоци за населението, домаќинствата и становите.

Меѓу другото со попишувањето се обезбедува и континуитет на податоците кои се добиени во изминатите пописи.

 

 

Прилогот е подготвен со поддршка на Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ). Содржината е одговорност на НВО Инфоцентарот и таа не ги одразува секогаш ставовите на ФООМ.

Фото: НВО Инфоцентар

USAID

Напомена

Оваа интернет-страница е редизајнирана со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Информациите објавени на оваа интернет - страница му припаѓаат на НВО Инфоцентарот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.

NVO Infocentar