
Граѓаните кои не успеале во изминативе 20 дена да се попишат ќе може да го сторат тоа на одредени локации во општините во кои живеат, соопштија од Државниот завод за статистика.
-Со цел никој да не биде пропуштен во пописот, Државниот завод за статистика (ДЗС) од утре ќе им овозможи на граѓаните да можат да отидат на одредени локации во нивните општини и да ја завршат својата граѓанска и законска должност, изјави Јасмина Ѓоргиева од ДЗС на денешната прес-конференција.
Таа објасни дека тоа се однесува на оние граѓани што поради некоја причина не успеале во изминатите 20 дена да остварат контакт со попишувачот, односно попишувачот поминал во нивниот пописен круг, но не ги нашол во моментот дома, оставил или не оставил порака, едноставно не бил воспоставен контакт.
-Тие граѓани ќе можат да појдат на овие локации во нивните општини и да се попишат. Овие локации, за секоја општина во државата, ќе бидат објавени попладнево на веб-страницата https://popis2021.stat.gov.mk/ и за сите подетални информации граѓаните ќе можат да се обратат и на телефоните што се објавени на веб-страницата, во контакт центарот на ДЗС каде ќе ги дадеме сите потребни информации, рече Ѓоргиева.
Државниот завод за статистика информираше дека досега се попишани вкупно 1.383.434 лица, 431.573 домаќинства и 595.754 станови.
Прилогот е подготвен со поддршка на Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ). Содржината е одговорност на НВО Инфоцентарот и таа не ги одразува секогаш ставовите на ФООМ.




