Поврзете се со нас

Попис 2021: Комбиниран метод со максимална електронска заштита на податоците

Во државава нема сеопфатни регистри на населението и во овој момент не е можен исклучиво електронски попис. Пописот 2021 ќе се спроведе преку комбиниран метод на попишување. Ќе се користат два извори на податоци:

  • Теренски – попишување преку директни интервјуа со граѓаните
  • Административни – претпописна база

Овластен попишувач ќе ги собере податоците преку интервјуа на терен. Податоците ќе се запишуваат на лап-топ, во електронска апликација поврзана со базата на податоци. Попишувачите, при попишувањето го внесуваат матичниот број на лицето во апликацијата инсталирана на преносниот уред. Таму се врши и т.н. енкрипција, што овозможува заштита на податоците. Апликацијата се поврзува со интернет-мрежата посветена само за оваа намена. Целиот сообраќај што ќе го напушти лаптопот ќе биде енкриптиран при преносот.

Податоците се испраќаат до апликацијата во Microsoft Azure и се чуваат онолку време колку што е потребно да се изврши пребарувањето. Оваа апликација се поврзува со изолирана инфраструктура, заштитена со т.н. уред огнен ѕид (firewall) уред преку енкриптирана site-to-site VPN-врска и ги пренесува информациите до дата-центарот во Државниот завод за статистика.

Во продолжение се пополнуваат соодветните полиња во апликацијата за попис. Истиот метод се применува и при приказ на просторните податоци релевантни за пописниот круг во кој се врши попишувањето.Полињата директно ги пополнува попишувачот откако ќе добие информација од попишуваното лице.

Секој пренос кој вклучува внесување, корекција, бришење податоци или одобрување за нив, се логира во системот, односно се води историјат за секој изменет податок со информација за корисникот кој ја направил модификацијата (внес, измена, бришење или одобрување за дадена акција), како и временски момент во кој е направена измената и причината за тоа.

Внесените податоци од интервјуто „лице в лице“ ќе се комбинираат и споредуваат со  постојните податоци во базата. Покрај претпописната база ќе се користат и други административни бази за проверка и корекција на податоците.

Во претпописната база веќе ги има следниве податоци за секој граѓанин:

  • Име, презиме, матичен број, пол, статус, државјанство, официјална адреса на живеење, држава на раѓање, населено место на раѓање, држава на живеење, занимање.
  • Населено место на училиштето/ факултетот кој се посетува, највисоко завршено образование.
  • Матичен број, населено место и дејност на деловниот субјект каде што лицето работи.
  • Индикатор за примател на социјален трансфер.
  • Индикатор за корисник на пензија.
  • Индикатор за деца родени во странство и нивните родители.

Во базата се интегрирани податоци од различни административни и статистички извори: Министерство за внатрешни работи – база на државјани; Министерство за информатичко општество и администрација –  регистер на населението; Агенција за вработување – податоци за економската активност на граѓаните;  Министерство за образование и наука – податоците за запишаните ученици во основни и средни училишта во тековната учебна година; Управа за јавни приходи – податоци за лицата кои имаат примања и за кои се исплаќа персонален данок на доход; Фонд за пензиско и инвалидско осигурување – податоци за примателите на пензија; Министерство за труд и социјална политика – податоци за корисниците на социјални трансфери;  Управа за водење матични книги – податоци од матичните книги на родените, умрените и венчаните лица; Агенција за катастар на недвижности – податоци за недвижностите и нивните движења; Државен завод за статистика.

 

 

Прилогот е подготвен од НВО Инфоцентар со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Мислењата изразени во овој прилог му припаѓаат на НВО Инфоцентарот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.

USAID

Напомена

Оваа интернет-страница е редизајнирана со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Информациите објавени на оваа интернет - страница му припаѓаат на НВО Инфоцентарот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.

NVO Infocentar