Зошто пропадна пописот во 2011 година?
По мое лично убедување, сметам дека пописот пропадна поради политички причини. На некого не му одговараше. Оние кои требаше да го спроведат, за жал, одлучија пописот да почне и експресно да заврши.
Што губи државата од тоа што нема попис?
Пописот нуди можност да се види колкаво население живее тука, а колкаво е иселено. Исто така, нуди можност да се види застапеноста на другите националности, па и родовата и имотната состојба на граѓаните. Иако сите овие параметри се променети од последниот попис, ние се уште немаме можност тоа и официјално да го потврдиме.
Како немањето попис влијае врз работата на Државната изборна комисија?
Кога би имало попис би имале подобра и посериозна слика на луѓето кои имаат право да гласаат. Постои недоверба во избирачкиот список. Ние не можеме да ја вратиме довербата во избирачкиот список доколку нема попис.
Дали сметате дека постојат алтернативни начини за собирање на важните податоци кои можат да го надополнат недостатокот на пописот?
Можеби и можат да го надополнат пописот, но тоа не е тоа. Пописот е она вистинското бидејќи и институциите кои вршат некое свое согледување на бројките, се случува често да излегуваат со различни податоци. Така што веродостојноста на податоците не е ни одблиску точна како онаа на пописот.