Поврзете се со нас

Кратка хронологија на Пописот 2011

Popis_2011_logoУште додека Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија (натаму Закон за попис) беше во процедура, можеше со голема сигурност да се претпостави дека претстојниот попис ќе се соочи со бројни и сериозни политички турбуленции  и пречки, и дека воопшто нема да биде третиран само како нужен статистички процес на една држава. Ваквите претпоставки своја дополнителна потврда добија на седницата на Собранието на Република Македонија, одржана на 30 ноември 2010 година, на која беше изгласан Законот за попис и на која претставниците на опозицијата од албанскиот блок ја обвинија Владата дека овој законски акт е антиалбански и дискриминаторски. Несогласувањета околу Законот за попис продолжија и по неговото донесување и траеја се до моментот на прекинување на спроведувањето на пописот.

Владата, на 14 декември 2010 година, именуваше 25 членови на Државната пописна комисија (натаму ДПК) со Решение за именување[1]. Јавноста веројатно немаше многу да се вознемири и да ја следи со големо внимание работата на ДПК, доколку немаше несогласувања меѓу нејзините членови, и тоа на само месец и половина пред планираниот почеток на пописот, кој беше закажан за 1 април 2011 година. Медиумите информираа дека состанокот на ДПК, во средината на февруари, поминал тензично и дека претставниците на албанската и турската етничка заедница го напуштиле состанокот „поради несогласување со одредени процедури што треба да ги реши Државна пописна комисија“. Медиумите ги пренесоа и уверувањата на претседателката на ДПК, Весна Јаневска, дека проблемите ќе се надминат[2]. Повод за конфликтот, според медиумите, беше инсистирањето на мнозинството членови на Комисијата, попишувачите во општините да бидат избрани според принципот 50:50, односно половина од нив да бидат од најголемата заедница во општината, а другата половина од заедницата што е втора по големина, додека претставниците на етничките заедници инсистираа бројот да се определи според застапеноста на заедниците во пописните реони[3].  Предлогот на претставниците од етничките заедници го поддржа и Абдулменаф Беџети, потпретседателот на Комисијата: „Екипите за терен треба да бидат комбинирани-Албанец и Ром, Турчин и Македонец, Албанец и Македонец, но не по секоја цена еден Македонец задолжително и вториот од која било националност. На тоа инсистираа членовите на пописната комисија – Македонци и нѐ надгласаа. Тоа е како од времето пред една деценија и тогашната меѓуетничка недоверба“[4].

Додека сѐ уште се одвиваа преговорите за враќање на членовите кои се решија за бојкот на Комисијата, ДПК, во дневните весници, објави конкурс за попишувачи[5]. Според медиумите[6], на конкурсот се пријавија само 600 Албанци, од вкупно 16.000 попишувачи. Ова всушност претставуваше најава за продлабочување на несогласувањата и проблемите кои постојано го следеа пописниот процес, се до неговото предвремено прекинување.

На 16-ти март 2011 година, од медиумите разбравме дека коалиционите партнери во Владата, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, нашле заеднички јазик за одложување на пописот за шест месеци. Официјално, пописот беше одложен заради тоа што ДПК и Државниот завод за статистика не ги испочитуваа роковите за спроведување, а неофицијално, пописот се одложи заради најавените предвремени парламентарни избори. Медиумите потсетија дека партиите не се договориле околу спорните точки поради кои претставниците на албанската и турската заедница се уште ја бојкотираа ДПК[7].

После завршувањето на предвремените парламентарни избори, пописот повторно се реактуализираше и тоа кон крајот на јули 2011, кога пратеничката група на Демократската партија на Албанците (ДПА), достави до Собранието, Предлог–закон за измени и дополнувања на Законот за попис, со кој предлагаше поместување на пописот од октомври 2011 година, за јули 2012 година. Според предлагачите, предложениот термин за попис е најсоодветен затоа што ќе се поклопи со периодот кога околу 200.000 Албанци кои работат во странство, се враќаат во државата за да го поминат летниот одмор[8]. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на брифингот со новинарите го отфрли предлогот на ДПА, со тврдењето дека Албанците нема да го бојкотираат попишувањето[9].

Неколку дена пред почетокот на Пописот 2011, медиумите ја пренесоа изјавата на Ахмети, дека ќе бидат попишани сите граѓани – Албанци кои се отсутни од државата повеќе од една година: „Законот е многу јасен, сите што во текот на една година влегле најмалку еднаш во Македонија, а кои имаат куќи, имот, а не се во моментот тука, тие се опфатени во целокупната бројка на населението“[10]. Според медиумите, иако Ахмети повика пописот да не се политизира „затоа што сите детали биле договорени во текот на подготвувањето на Законот“, потпретседателот на ДПК, Абдулменаф Беџети, најави дека е можно поради незадоволството од толкувањето на членот 6 од Законот за попис, Албанците да не прифатат да се попишуваат.

Медиумите информираа дека копјата во ДПК се кршат околу различните толкувања за опфатот на пописот и дефинцијата на терминот „место на вообичаено живеење“ поради што „на два дена пред почетокот на пописот никој не знае кој сe ќе биде попишан“[11]. Во овој контекст, некои медиуми потсетија на толкувањето на Законот од страна на директорот на Европската статистичка канцеларија, Питер Еверерс, дека  со попишувањето треба да бидат опфатени само оние лица кои “имаат место на вообичаено живеење во Македонија, а во времето на пописот, но најдолго до 12 месеци пред неговото спроведување, се наоѓаат на работа надвор од државата“, поради што со пописот не треба да бидат опфатени лицата кои работат повеќе од една година во странство, без разлика што во моментот на попишување се затекнале во државата[12].

Доцна вечерта на 29-ти септември 2011 година, неполни два дена пред започнувањето на пописот, медиумите јавија дека потпретседателот на пописната комисија, Абдулменаф Беџети, и останатите членови – Албанци поднеле оставки на функциите „незадоволни од техничките и организационите услови за одржувањето на пописот“. Како главна причина за оставката, медиумите повторно ја наведоа поделеноста меѓу членовите на ДПК околу толкувањето на членот 6 од Законот за попис, во однос на попишувањето на граѓаните кои живеат во странство подолго од една година потсетувајќи дека „Законот предвидува да се попишуваат граѓаните кои живеат во странство помалку од 12 месеци, додека членовите на Комисијата кои се од турска и албанска националност барале со пописот да се опфатат и сите оние кои живеат во странство подолго од година дена“[13].

Следниот ден, медиумите известија дека и Весна Јаневска, претседателката на ДПК, поднела оставка. Јаневска изјави дека нејзината одлука е изнудена од членовите Албанци и Турци на ДПК и ги обвини за подготвување пописен фалсификат, додавајќи дека не може да го прифати нивното настојување да се овозможи попишување со фотокопирани документи, како и попишување на граѓаните кои не се во државава повеќе од 12 месеци. Сепак, владините извори смируваа дека пописот ќе се оддржи без разлика на оставките[14]. Пописната комисија, потоа, одржа седница на која Слободанка Гиевска беше назначена за нова претседателка. На местото на Беџети,  беше избран Бујар Османи.

Десетина дена од почетокот на Пописот 2011 (1 октомври 2011), а на само четири дена пред рокот за негово завршување, членовите на ДПК поднесоа колективна оставка, Комисијата се распушти и пописот пропадна. Со тоа, според медиумите, „се покажа дека различните толкувања на делови од Законот се непремостлива пречка за успешно одвивање и завршување на целиот процес“[15]. Според ДПК причина за пропаѓањето на пописот беше „неможноста членовите на Комисијата да се усогласат за методологијата за спроведување на пописот“[16].

Пописот официјално заврши на 11 октомври 2011, по бурна расправа во Собранието[17] и усвојување на Законот за престанување на важењето на Законот за попис.

 

 

[1]http://www.slvesnik.com.mk/Issues/56201B24B635B14DB820F0209A10882E.pdf, страна 17

[2]http://www.utrinski.mk/?ItemID=135D86E397DF144B9273BD8C2F7A423F

[3]http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=215112139137&id=9&setIzdanie=22208

[4]http://www.dw.de/%D1%81%D0%BE%D0%BF%D0%BA%D0%B0-%D0%B7%D0%B0-%D0%BF%D0%BE%D0%BF%D0%B8%D1%81%D0%BE%D1%82-%D0%B2%D0%BE-%D0%BC%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0/a-6440047

[5]http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=215112139137&id=9&setIzdanie=22208

[6]http://www.utrinski.mk/default.asp?ItemID=D8CF25128B74AB4DB279095A667A5A2A

[7]http://dnevnik.mk/default.asp?ItemID=5269FD1268776D42B769D9AE5EEE7704

[8]http://www.plusinfo.mk/vest/12994/DPA-bara-popisot-da-bide-vo-juli-slednata-godina

[9]http://www.dnevnik.mk/?ItemID=6A1ACB5E507E99458BA91BEAA679554A

[10]http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=92911847498&id=9&setIzdanie=22393

[11]http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=92911847498&id=9&setIzdanie=22393

[12]http://www.kapital.mk/MK/dneven_vesnik.aspx/74123/popishuvachite_makedonci_i_albanci_kje_rabotat_po_razlichni_zakoni!_.aspx?iId=2372

[13]http://www.dw.de/%D0%BE%D1%81%D1%82%D0%B0%D0%B2%D0%BA%D0%B8-%D0%BD%D0%B0-%D1%87%D0%BB%D0%B5%D0%BD%D0%BE%D0%B2%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%B0%D0%BB%D0%B1%D0%B0%D0%BD%D1%86%D0%B8-%D0%B2%D0%BE-%D0%BF%D0%BE%D0%BF%D0%B8%D1%81%D0%BD%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%BA%D0%BE%D0%BC%D0%B8%D1%81%D0%B8%D1%98%D0%B0/a-15428081

[14]http://www.makdenes.org/archive/news/20110930/428/428.html

[15]http://www.plusinfo.mk/vest/18520/Popisot-propadna

[16]http://www.makdenes.org/content/article/24358459.html

[17]http://www.makdenes.org/archive/news/20111015/428/428.html?id=24360415

Донатори

USAID

FOOM

Напомена

Интернет - страницата е дел од проектот „Пописот е демократија, а не само етничка бројка!“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондација Отворено општество Македонија.
Информациите објавени на оваа интернет - страница не се официјални информации на Владата на САД и не ги претставуваат погледите и позициите на Агенцијата на Соединетите Американски Држави за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на САД.

Партнери

NVO Infocentar CRM
 
8-mi Septemvri MCET