Со цел да се подигне свеста на граѓаните за суштинското значење на демографските политики и на пописот, за квалитетот на живеење во Република Македонија, НВО Инфоцентар започна со спроведување на новиот проект „ Демографијата – квалитет на живеење, а не само бројки“.
Проектот ќе се реализира до јули 2016 година, во сите осум плански региони во Македонија. Ќе биде подготвена анализа која ќе даде сеопфатна слика за постојните демографски политики, нивниот квалитет, релевантност, (не)дискриминаторски аспекти, како и нивното спроведување и ефекти врз демографските движења во државата, врз регионалниот развој и секако врз квалитетот на живот на граѓаните; за избирачкиот список и она што треба да се направи за негово прочистување. Исто така, ќе се формира активна мрежа на граѓански организации, активисти и новинари која ќе продолжи да ја подига свеста на граѓаните и да го јакне јавниот притисок за нужноста и важноста на демографските политики, пописот и прочистувањето на избирачкиот список.
Целта на активностите е континуиран јавен притисок за креирање и спроведување на квалитетни демографски политики, за прочистување на избирачкиот список и за што побрзо започнување на подготовките за спроведување попис на населението во државата.