Поврзете се со нас

Афердита Имери: Немаме официјални податоци за најранливите категории граѓани

aferdita imeriЗошто пропадна пописот во 2011-та?

Затоа што наместо техничка, пописот стана политичка операција, искомплицирана со механизми и процедури за реализација, за кои подоцна се увиде дека немаме капацитет да ги реализираме на терен. Следствено на тоа, со таков недостиг од капацитети и недостиг на политичка волја, пописот пропадна и тоа е срам за Македонија, бидејќи за една држава која се стреми кон европска интеграција, спроведувањето на една значајна техничка операција како што е пописот, е основата за квалитетите и капацитетите на една држава.

Колку немањето попис и штети на државата?

Неспроведениот попис влијае многу лошо врз Република Македонија. Немаме релевантни и официјални податоци колку не има, каде сме и колку сме. Сите политики кои во меѓувреме се развиваат не се засновани на реални податоци и затоа тие политики не можат да бидат ефикасни.  Со немањето актуелни податоци, не можеме да го процениме ефектот на сите спроведени  политики од последниот попис, па до денес.

Како немањето попис влијае врз социјалната вклученост и креирањето политики во оваа област?

Ние немаме официјални податоци за тоа колкуги има и каде се најранливите, односно исклучените категории граѓани. Тие податоци ги црпиме од ад-хок истражувања направени од институции или невладини организации. Меѓутоа, тие податоци не се сеопфатни и затоа ни треба попис. Конкретно за социјалната вклученост, ние се надевавме дека преку пописот точно ќе го утврдиме прагот на сиромаштија. Понатаму, политиките за вработување кои ги спроведуваат Министерството за труд и социјала и Агенцијата за вработување, се политики кои се темелат на нерелевантни податоци. Исто така, немаме податоци за движењата на пазарот на трудот, бројот на вработени, побарувачката и понудата на пазарот на труд и др. Со други зборови, ние немаме ниту еден од предусловите за квалитетно планирање и спроведување на политиките.

Дали алтернативните начини на собирање податоци (Агенција за вработување, ФЗОМ, МВР) можат да ги заменат податоците од пописот?

Мислам дека таквите начини не можат да го заменат пописот. Тоа се парцијални податоци и тие податоци секогаш ќе бидат спорни. Има податоци кои се добиваат без попис, но има и многу податоци  кои не можат да се добијат доколку не се спроведе  попис. Земајќи го предвид нашето секојдневие, контекстот во кој живееме, знаејќи ја политизираноста во нашата земја и знаејќи го фактот дека имаме и уставни одредби кои се темелат врз основа на бројки, а не врз основа на право, немањето попис е нешто најлошо што можело да ни се случи.

Донатори

USAID

FOOM

Напомена

Интернет - страницата е дел од проектот „Пописот е демократија, а не само етничка бројка!“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондација Отворено општество Македонија.
Информациите објавени на оваа интернет - страница не се официјални информации на Владата на САД и не ги претставуваат погледите и позициите на Агенцијата на Соединетите Американски Држави за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на САД.

Партнери

NVO Infocentar CRM
 
8-mi Septemvri MCET