
Во третата недела од Пописот 2021, попишувањето се одвиваше интензивно во сите пописни реони, и попишани се над 1,6 милиони граѓани.
Според информациите на Државниот завод за статистика (ДЗС), заклучно со 26 септември (недела) попишани се вкупно 1.619.857 граѓани, 503.491 домаќинства и 711.695 станови.
Државниот завод за статистика, им овозможи на граѓаните кои од различни причини не можат да бидат попишани во своите домови, својата граѓанска и законска должност да ја извршат на определени локации во нивните општини.
-Tоа се однесува на оние граѓани кои поради некоја причина не успеале во изминатите денови да остварат контакт со попишувачот, односно попишувачот поминал во нивиниот пописен круг, соопштија од ДЗС.
Овие дополнителни попишувачки места се отворени во сите 50 пописни реони, а нивните точни локации се објавени на интернет-страницата на ДЗС. Граѓаните може да се попишат и во просториите на Државниот завод за статистика. од 8 до 20 часот.
ДЗС, на почетокот на пописот, објави телефонски броеви од инфо-центарот, на кои може да се јави секој граѓанин доколку има прашања или нејаснотии поврзани со попишувањето.
Во досегашниот пописен процес, граѓаните најчесто се јавувале поради одредени дилеми поврзани со пописот. Тие прашувале дали може да се попишат само со лична карта, дали ќе бидат казнети ако попишувачот не ги најде дома, зошто попишувачот им поставил малку прашања, дали може да добијат увид во нивните податоци и др. Од Државниот завод за статистика велат дека сите граѓани кои се јавиле во инфо-центарот добиле одговори на поставените прашања.
Бесплатна телефонска линија отвори и Народниот правобранител, и оттаму истануваат дека досега се јавиле десетина лица кои имале забелешки или недоумици за процесот на попишување. Народниот правобранител досега формирал само една претставка, по која ќе постапува. Станува збор за ситуација на иста адреса да се водат лица кои не живеат таму, и за овој проблем била информирана реонската пописна комисија.
Народниот правобранител испратил една реакција и до Државниот завод за статистика, за случај кој го пријавил граѓанин, а се однесува на графата за припадност на религија/ вероисповед.
Паралелно со теренскиот попис во земјава, продолжува и самопопишувањето на македонски граѓани кои живеат или работат во странство. До крајот на третата недела од пописот, се самопопишале 197.033 лица. Најмногу иселеници се попишале во Швајцарија (63.581), потоа во Германија (44.826), на трето место е Италија (27.481), па следува Австрија (11.342), додека на петто место се Соединетите Американски Држави со 8.580 самопопишани лица.
До крајот на пописот остануваат суште само три дена односно тој ќе заврши на 30 септември, во 20 часот.
Прилогот е подготвен од НВО Инфоцентарот во рамки на Проектот за граѓанско учество со поддршка на американскиот народ преку агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Мислењата изразени во прилогот му припаѓаат на НВО Инфоцентарот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.
Photo by Andrew Moca on Unsplash




