Поврзете се со нас

Трет конкурс за попишувачи со рок на пријавување до 20 март

Државниот завод за статистика повторно објави конкурс за избор на реонски попишувачи за 36 пописни реони во кои недостигаат попишувачи. Огласот е со кратки рокови и трае три дена, од 18 до 20 март.

„Апелираме до сите заинтересирани лица да се пријават на конкурсот и на тој начин да придонесат во креирањето на сопствената иднина. Врвен приоритет на Државниот завод за статистика, покрај успешното спроведување на оваа најважна статистичка операција, е и нејзино безбедно спроведување од здравствен аспект“, соопштија од ДЗС.

Најмалку попишувачи недостигаат во Валандово, а најмногу во Кисела Вода и Аеродром. Директорот на Државниот завод за статистика, Атанас Симовски, во интервју за МИА изјави дека е сигурен дека ќе се јават потребниот број на попишувачи.

Од оваа институција која е надлежна за спроведување на Пописот, ги уверуваат заинтересираните дека со доследно почитување на Протоколот за превентивни мерки при спроведување на пописот, нема ризик од заболување.

„Протоколот е темелно подготвен и ги опфаќа сите мерки што можат да се преземат во сите фази од подготовките и спроведувањето на пописот. Сметаме дека со максимално почитување на пропишаните мерки ќе се обезбеди заштита и на учесниците и на целокупното население. Сепак, останува на совеста и свеста на секој од нас да ги почитуваме сите пропишани мерки, бидејќи само на тој начин можеме да се заштитиме и себеси и тие околу нас“, рече директорот на ДЗС.

Изборот на пријавените кандидати ќе се врши преку тестирање (проверка за познавање на општи работи од областа на статистиката и работа со персонален компјутер).

Кандидатите кои ќе се пријават на конкурсот, меѓу другото,  треба да се полнолетни, да имаат најмалку средно образование, да не се во работен однос и да бидат државјани на Северна Македонија.  За ангажманот за време на пописот, попишувачите ќе добијаат соодветен паричен надомест.

Линк до огласот на ДЗС: https://popis2021.stat.gov.mk/konkursi/DopolnitelenKonkursZaPopisuvaci_3_mk.pdf

 

 

Прилогот е подготвен со поддршка на Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ). Содржината е одговорност на НВО Инфоцентарот и таа не ги одразува секогаш ставовите на ФООМ.

USAID

Напомена

Оваа интернет-страница е редизајнирана со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Информациите објавени на оваа интернет - страница му припаѓаат на НВО Инфоцентарот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.

NVO Infocentar