
Попишувањето треба да одговори на прашањето каква е миграциската мапа на државата. Едно од првите прашања кои ќе ги добиете се за тоа во која земја сте родени.
Земја на раѓање е државата во која се наоѓа местото на раѓање на лицето. Ова е важно за да се направи разлика меѓу лицата родени во земјата и лицата родени во странство. Треба да се напомене дека земјата на раѓање за едно лице не мора да е иста како и неговата или нејзината земја на државјанство.
Попишувачите ќе ве прашаат и за тоа какво е вашето државјанство. Може да одговорите на само еден од четирите понудени одговори: дека сте државјанин на Република Северна Македонија, дека сте државјанин на Република Северна Македонија и на друга држава, дека сте државјанин на друга држава и дека сте лице без државјанство.
Од прашањата во овој дел поврзан со миграциите ќе ве прашаат и колку долго сте присутни на адресата односно на местото на попишување.
Овде се запишува вкупното време на престојот на лицето во местото на Пописот во години и месеци.
Местото на раѓање е многу важно за анализа на внатрешните миграции, но и на доселувањата во земјата.
Затоа, ова ќе се евидентира според географската единица каде што се случило раѓањето или според местото на вообичаено живеење на мајката во моментот на раѓањето.
Во овој попис, „место на раѓање“ значи населеното место во кое вообичаено живеела мајката, во моментот на раѓањето на лицето кое се попишува.
За оние лица кои се родени во земјата, треба да се собираат информации за најмалата административна единица (населено место), а за лицата родени надвор од земјата, доволно е да се наведе земјата на раѓање.
Попишувачите ќе ве прашаат и за претходно место на живеење и за датум на пристигнување во сегашното место, бидејќи тоа дава информации за географските и временските модели на миграциските движења според моменталното место на живеење.
Ќе треба да одговорите и на прашањето од каде и кога сте се доселиле на оваа адреса (местото на живеење).
Ако лицето кое се попишува не живее непрекинато на адресата на попис, односно таму се доселило од некоја друга адреса во истото или од друго населено место во Република Северна Македонија, односно од странство, се запишува населеното место и општината од каде што се доселило лицето.
Ако пак, лицето повеќепати се доселува на истата адреса, се запишува населеното место на последното доселување, односно на странската држава, ако доселувањето е од странство.
Прилогот е подготвен од НВО Инфоцентар со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Мислењата изразени во овој прилог му припаѓаат на НВО Инфоцентарот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.




