
Во недела, на 5 септември, со почеток во 8 часот наутро, почнува Пописот на населението, становите и домаќинствата, беше соопштено на прес-конференција во Владата.
Владиниот портпарол, Душко Арсовски рече дека се е подготвено за почеток на пописот.
„Во деновите до недела, кога во 8 часот наутро попишувачите ќе излезат на терен, ќе се вршат дополнителни обуки, но и обиколка на пописните кругови со кои се задолжени попишувачите. До недела, секој попишувач заедно со својот реонски инструктор ќе направи и план за движење низ пописниот круг со цел ниту еден објект, ниту едно домаќинство, да не остане неопфатено“, рече Арсовски.
Тој потенцира дека Владата е сигурна дека граѓаните со доверба ќе ги примат попишувачите и ќе им ги дадат потребните податоци.
Пописот ќе се спроведува до крајот на септември.
Последната ваква статистичка операција во земјава е спроведена во 2002 година.
Прилогот е подготвен со поддршка на Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ). Содржината е одговорност на НВО Инфоцентарот и таа не ги одразува секогаш ставовите на ФООМ.




