
Државниот завод за статистика повторно објави конкурс за избор на реонски попишувачи за 36 пописни реони во кои недостигаат попишувачи. Огласот е со кратки рокови и трае три дена, од 18 до 20 март.
„Апелираме до сите заинтересирани лица да се пријават на конкурсот и на тој начин да придонесат во креирањето на сопствената иднина. Врвен приоритет на Државниот завод за статистика, покрај успешното спроведување на оваа најважна статистичка операција, е и нејзино безбедно спроведување од здравствен аспект“, соопштија од ДЗС.
Најмалку попишувачи недостигаат во Валандово, а најмногу во Кисела Вода и Аеродром. Директорот на Државниот завод за статистика, Атанас Симовски, во интервју за МИА изјави дека е сигурен дека ќе се јават потребниот број на попишувачи.
Од оваа институција која е надлежна за спроведување на Пописот, ги уверуваат заинтересираните дека со доследно почитување на Протоколот за превентивни мерки при спроведување на пописот, нема ризик од заболување.
„Протоколот е темелно подготвен и ги опфаќа сите мерки што можат да се преземат во сите фази од подготовките и спроведувањето на пописот. Сметаме дека со максимално почитување на пропишаните мерки ќе се обезбеди заштита и на учесниците и на целокупното население. Сепак, останува на совеста и свеста на секој од нас да ги почитуваме сите пропишани мерки, бидејќи само на тој начин можеме да се заштитиме и себеси и тие околу нас“, рече директорот на ДЗС.
Изборот на пријавените кандидати ќе се врши преку тестирање (проверка за познавање на општи работи од областа на статистиката и работа со персонален компјутер).
Кандидатите кои ќе се пријават на конкурсот, меѓу другото, треба да се полнолетни, да имаат најмалку средно образование, да не се во работен однос и да бидат државјани на Северна Македонија. За ангажманот за време на пописот, попишувачите ќе добијаат соодветен паричен надомест.
Линк до огласот на ДЗС: https://popis2021.stat.gov.mk/konkursi/DopolnitelenKonkursZaPopisuvaci_3_mk.pdf
Прилогот е подготвен со поддршка на Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ). Содржината е одговорност на НВО Инфоцентарот и таа не ги одразува секогаш ставовите на ФООМ.




