
Што ќе ве прашаат попишувачите од економскиот сет прашања?
Прашањата за економската активност кои ќе ви ги постават попишувачите се многу важни за пазарот на трудот. Се однесуваат на неделата која му претходи на пописот, од 25 март до 1 април 2021 година, пред да стапи критичниот момент на Пописот. На овие прашања одговараат само лицата постари од 15 години.
Лицата се поделени во две групи:
– Работоспособно население (работна сила) – го сочинуваат сите лица од 15 до 79 години.
– Економски активното население – го сочинуваат вработените и невработените лица (работна сила).
Во невработени, се вклучени лицата на возраст од 15 до 74 години кои за време на извештајната недела не работеле, активно барале работа или биле подготвени да прифатат работа во следните 2 недели по завршувањето на извештајната недела.
Економски неактивното население ги вклучува сите лица кои не работеле ниту еден час во извештајната недела, како што се учениците и студентите, пензионерите, домаќинките и лицата кои се издржувани од други лица, или од државата, или кои се издржуваат самите со друг вид приходи (ренти, камати).
Занимање
На попишувачите ќе треба да им го кажете точниот назив на работното место.
Одговор се дава со избор од националната класификација на занимањата која е подготвена и усогласена според начелата на меѓународната стандардна класификација на занимањата.
Од попишувачот ќе добиете прашање за работниот статус. Може да изберете еден од понудените одговори: вработен, работодавец, вработен за сопствена сметка, неплатен семеен работник и др. И ова прашање се однесува на неделата која му претходи на пописот.
Главен извор на средства за живот
Овој сет прашања треба да даде одговор кој е главниот извор на приходи од кои се финансира личната потрошувачката на секоја попишана личност во текот на одреден период.
Според Методологијата за попишување се препорачува да се земе предвид подолг временски период, како што се претходните дванаесет месеци.
Информациите за „главен извор на средства за живот“ треба да ги дадат сите лица, без разлика кој е нивниот економски статус и со што се занимаваат.
Податоците за вработените, корисниците на пензии и социјални трансфери, се обезбедуваат и од претпописната база, преку матичниот број.
Прилогот е подготвен од НВО Инфоцентар со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Мислењата изразени во овој прилог му припаѓаат на НВО Инфоцентарот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.




