
Населението ќе се попишува според концептот „место на вообичаено живеење“. Ова значи дека секое лице треба да има едно место каде што вообичаено живее.
На ваков начин ќе се избегнат ситуации едно лице да биде попишано повеќе пати, да биде опфатено во вкупното население на повеќе од една држава, или пак, воопшто да не биде опфатено.
Попишувањето ќе се врши во местото каде што ќе се затекнат лицата.
Лицата кои се во странство за време на пописот ќе можат да се попишат на два начина:
– Да се самопопишат преку апликацијата достапна на интернет-страницата на Државниот завод за статистика.
– Да ги попишат нивни блиски со тоа што ќе го соопштат матичниот број на лицето кое се попишува и матичниот број на лицето кое ги дава податоците.
Место на живеење е населеното место во кое лицето се населило со намера во него постојано да живее, а место на престој е населеното место во кое лицето само времено престојува.
Официјално, односно легално место на живеење е она место на живеење во кое лицето е регистрирано од надлежното министерство.
Местото на живеење може да биде исто или различно од официјалното место на живеење, на работа или на школување.
Едно лице може да има две или повеќе места на живеење, но ќе се попише во она место во кое поминува поголем дел од годината.
За лицата со место на вообичаено живеење во Република Северна Македонија, попишувањето ќе се врши во местото каде што вообичаено живеат. Лицата кои ќе се затекнат во местото на попис поради работа, а имаат свое домаќинство/ семејство во друго место во земјата, ќе се попишат во заедно со нивните семејства/ домаќинства.
Учениците во основно и во средно образование кои се школуваат надвор од местото на вообичаено живеење, независно од тоа каде се школуваат во државата, ќе се попишат заедно со нивното семејство/ домаќинство. Истото важи и за студентите кои се школуваат во државата.
За студентите, пак, кои се школуваат во странство, но не преку меѓународна размена на студенти, нивното место на вообичаено живеење е во државата во која студираат.
Вообичаено место на живеење на лицата кои се сметени во колективните живеалишта за трајно згрижување (старечки домови, манастири и слично), се колективните живеалишта.
Странците кои имаат одобрение за постојан или за времен престој во Република Северна Македонија, ќе се попишат во местото на одобрениот престој, а за странците со право на азил, странците со поднесено или прифатено барање за азил и признат статус на бегалец, ќе се попишат според местото во кое им е одобрено да престојуваат.
Лицата кои работат или престојуваат во странство ќе се самопопишат на официјалното место во државава во кое живееле пред да заминат во странство.
Лицата кои за време на пописот ќе бидат во странство, а не се самопопишале, попишувањето ќе се спроведе во нивното последно вообичаено место на живеење. Услов за тоа е на таа адреса да има полнолетен член на домаќинството или друго лице кое може да ги даде сите потребни податоци.
Децата на разведени родителите може да го изберат како свое место на вообичаено живеење домаќинството во кое поминуваат најголем дел од својот дневен, односно ноќен одмор.
За бездомниците, номадите, скитниците или лицата без место на вообичаено живеалиште, местото на попишување ќе се смета за нивно место на вообичаено живеење.
Прилогот е подготвен од страна на НВО Инфоцентар со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Мислењата изразени во овој прилог му припаѓаат на НВО Инфоцентарот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.




