
Првото прашање поврзано со пописот е кој и што сè ќе се попишува, односно што ќе опфати Пописот. Според Законот за попис и Методологијата за попишување, со пописот ќе бидат опфатени три единици: население, станови и домаќинства.
Со попишувањето ќе се обезбедат податоци за тоа како попишаните единици се територијално разместени, какви карактеристики имаат и какви промени настанале во споредба со претходниот попис од 2002 година.
Ќе се попишуваат лица кои се македонски државјани независно дали во моментот на пописот се дома или во странство.
Попишувањето ќе ги опфати и странците кои престојуваат во Република Северна Македонија со одобрение за престој, потоа странците со поднесено или одобрено барање за азил и со статус на бегалец. Опфатот на пописот се однесува и на лицата кои немаат државјанство, а кои во моментот на пописот ќе се затекнат во државата.
Пописниот процес ќе ги опфати сите домаќинства на лицата кои ќе бидат попишани, како и колективните домаќинства што се составени од лица кои живеат во установи за трајно згрижување, во манастири, домови и слично.
Во попишувањето ќе влезат и сите станови во земјата наменети за живеење, без разлика дали се користат за постојано или времено живеење или пак, се ненаселени.
Ќе се попишуваат и сите други простории или објекти што не се станови, но за време на пописот се користат за живеење. Тоа се населени простории, деловни простории, импровизирани живеалишта, колективни живеалишта и др.
Пописот ќе ги опфати и колективните станови (домови и хотели за самци, домови за пензионери, стари и изнемоштени лица, студентски домови, манастирски конаци и др.).
Кој и што нема да се попишува?
Нема да се попишува дипломатскиот персонал на странските амбасади во Република Северна Македонија и членовите на нивните семејства.
Со пописот нема да биде опфатен странскиот воен персонал и членовите на нивните семејства, членовите и претставниците на меѓународните организации и заедници кои престојуваат во државата.
Пописот нема да ги опфати и странците кои за време на пописот се наоѓаат во државава поради службен пат, приватна посета, годишен одмор, лекување, екскурзија, туристички и слични патувања, како и странските државјани кои поради работа или школување дневно ја поминуваат државната граница.
Пописниот процес нема да ги опфати ниту становите на дипломатско-конзуларните претставници на странски земји и оние кои се во сопственост на други држави.
Нема да се попишуваат и ненаселените (празните) станови кои се иселени поради рушење, како и празните станови во зградите во кои сѐ уште не е дозволено вселување.
Попишувањето нема да ги евидентира објектите што се користат за сместување или преработка на земјоделски производи, орудија, алати, огрев и слично, како и колективните станови во кои не живее ниту едно индивидуално домаќинство. Тоа се домови и хотели за самци, домови за стари лица, студентски домови, манастирски конаци и слично.
Прилогот е подготвен од страна на НВО Инфоцентар со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Мислењата изразени во овој прилог му припаѓаат на НВО Инфоцентарот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.




