
Преку интернет-апликацијата за самопопишување, заклучно до 16 март во 8 часот, се попишале приближно 70 илјади граѓани, поточно 68.668. Во просек, дневно се попишуваат околу 6000 иселеници. Предничат иселениците во Швајцарија со околу 16 илјади а потоа следат Германија со 10 илјади и Италија со 6 илјади самопопишани граѓани.
Можноста за самопопишување ќе биде отворена до 21 април. Граѓаните кои се во државава ќе можат да ги попишат своите блиски кои се иселени, а кои не се самопопишале. Ќе биде потребно само да го имаат нивниот матичен број.
Властите очекуваат бројките на самопопишани да растат. Според нив, очигледно е дека граѓаните во дијаспората се уште не се доволно информирани за можноста да се самопопишат.
Во меѓувреме, Државниот завод за статистика (ДЗС) ги отфрли пишувањата на некои медиуми дека бара одложување на пописот заради состојбата со коронавирусот и извести дека забрзано се подготвува за теренските пописни активности кои се одвиваат во согласност со планираните рокови.
Според ДЗС, сите мерки предвидени со протоколот кој го донесоа Комисијата за заразни болести и Владата на РСМ се почитуваат и со нив се гарантира безбедноста на сите учесници во пописот.
Прилогот е подготвен со поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ). Содржината е одговорност на НВО Инфоцентарот и таа не ги одразува секогаш ставовите на ФООМ.




