
Државниот завод за статистика (ДЗС) информираше дека е завршен пописот на сите припадници на Армијата на Република Северна Македонија кои се на тримесечна обука на полигонот „Криволак“.
„Во Центарот за обука „Пепелиште“ со почитување на сите предвидени протоколи за заштита од ширењето на коронавирусот, припадниците на Армијата кои учествуваат на основниот курс за подофицери како слушатели и обучувачи ги дадоа сите потребни информации на попишувачите“, соопштија од ДЗС.
Попишувањето на овие припадници на АРМ се изврши во оваа фаза од пописот, бидејќи нивната обука трае до 26 април и тие нема да бидат во своите домови во периодот кога ќе се реализира теренската статистичка операција.
Покрај припадниците на АРМ, во оваа фаза на пописот влегува и попишувањето на воените лица кои се наоѓаат во меѓународните мисии „Одлучна поддршка“ во Авганистан, силите „КФОР на Косово“, мисијата „УНИФИЛ“ во Либан, операцијата „Алтеа“ во Босна и Херцеговина и во операцијата на ЕУ во Централноафриканската Република.
Останатите припадници на војската кои редовно извршуваат задачи во државата, ќе бидат попишани како и сите останати граѓани, односно во периодот на реализација на пописот од 1 до 21 април 2021 година.
Прилогот е подготвен со поддршка на Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ). Содржината е одговорност на НВО Инфоцентарот и таа не ги одразува секогаш ставовите на ФООМ.




