Поврзете се со нас

Прва фаза на ПОПИСОТ 2021: За една недела се самопопишале над 40.000 иселеници

 

Во првите седум дена од пописот за иселениците, на електронската апликацијата за попишување се пријавиле, односно ја пополниле 40397 граѓани.

Граѓаните од дијаспората ќе можат да се самопопишат до 21 април.

Државниот завод за статистика (ДЗС) објави дека е во постојана комуникација со македонските иселеници, дека пополнувањето на електронската апликација за едно лице трае во просек 10 минути.

Во првите денови од пописот дел од граѓаните се пожалија дека има проблеми со апликацијата за попишување, дека листите со одговори не се доволно читливи, дека има проблеми со ненавременото добивање повратна порака за влез во апликацијата, како и дека во неа може да се пристапи и од државава, а не само во странство. Од ДЗС известија дека проблемот е надминат и дека апликацијата функционира без проблем.

Дел од медиумите објавија дека апликацијата за попишување која е направена да се отвора само од странство, сепак, може да се отвори и од државава, а ДЗС  предупреди дека неовластен влез во компјутерскиот систем е незаконско дело кое се казнува.

Од Заводот за статистика информираа и дека секој податок за кој ќе се утврди дека е лажен, нема да биде земен предвид во обработката на податоците и дека собраните податоци преку апликацијата за самопопишување ќе се споредат со податоците од претпописната база на податоци.

Оттаму, бројот на самопопишани лица преку апликацијата не значи по автоматизам и број на резидентно население на Република Северна Македонија. Тоа дополнително ќе биде утврдено со обработката и проверката на податоците.

Од затворот во Куманово, на 1 март, започна и попишувањето на затворените и осудени лица, вкупно над 2200, како и на бездомниците. Прифатниот дом во Визбегово беше првиот од центрите за бездомни лица опфатени со пописот. Попишувачите ќе попишуваат и во домот во Чичино село каде што се сместени 26 бездомници и во центарот „Ранка Милановиќ“ каде што ќе бидат попишани 174 бездомни лица.

До 15 март тече и попишувањето на вработените во македонските амбасади и членовите на нивните семејства кои престојуваат во странство, на македонските државјани на работа во Обединетите нации и нејзините организации, претставништвата или претставниците на стопанските комори во странство, воени претставници на армијата во странство и граѓаните кои се ангажирани врз основа на меѓународна, техничка и друга соработка, како и членовите на нивните семејства кои престојуваат во странство.

Во меѓувреме, верските лидери и Сојузот на стопанските комори, на средби со првиот човек на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, му дадоа поддршка на процесот на попишување како неопходна статистичка операција за развојот на државата. Во почетокот на март започна и обуката на државните инструктори за Пописот 2021.

 

Прилогот е подготвен од страна на НВО Инфоцентар со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Мислењата изразени во овој прилог му припаѓаат на НВО Инфоцентарот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.

USAID

Напомена

Оваа интернет-страница е редизајнирана со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Информациите објавени на оваа интернет - страница му припаѓаат на НВО Инфоцентарот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.

NVO Infocentar