
Како дополнителен начин на мерење на културниот идентитет и интеграција на населението во земјите во кои се зборуваат повеќе јазици, како и во земјите со бројно доселено население, преку пописот на населението може да собираат податоци за јазиците кои во моментот се зборуваат и пишуваат. Во земјите, пак, во кои има повеќе од еден официјален јазик, може да биде потребно да се вклучат прашања и за користењето на службените јазици при донесувањето закони и политики.
Во зависност од потребите за податоци, меѓународните стандарди ги предвидуваат и препорачуваат следниве концепти:
- Мајчин јазик – дефиниран како прв јазик кој се зборува во раното детство во домот.
- Главен јазик – дефиниран како јазик што лицето најдобро го познава.
- Вообичаен јазик – дефиниран како јазик на кој најчесто се зборува во домот и/или на работа.
- Познавање на јазикот – се дефинира како способност да се зборува и/или да се пишува на еден или на повеќе различни јазици.
Под мајчин јазик се подразбира јазикот што лицето научило да го зборува во неговото најрано детство, односно јазикот што лицето го смета за свој мајчин јазик, без разлика дали тој јазик сè уште го користи или не. Ако во домот на лицето во неговото најрано детство се зборувале повеќе јазици, како одговор ќе се впише јазикот кој најчесто се зборувал во неговиот дом.
Вообичаен јазик е јазикот кој лицето секојдневно или најчесто го зборува во сегашниот дом. Ако лицето во сегашниот дом зборува два или повеќе јазици, како одговор се впишува јазикот што лицето најчесто го користи во секојдневната комуникација.
За глуви, неми, глувонеми и други лица кои поради здравствени причини не се во можност да говорат некој говорен јазик, се запишува јазикот кој најчесто се користи во комуникацијата во домаќинството.
За деца помали од 15 години, одговор на ова прашање дава еден од родителите, посвоителот или старателот.
Ако јазикот за кој се изјаснило лицето го нема во понудените одговори, тогаш попишувачот треба одговорот дополнително да го запише.
Прилогот е подготвен од НВО Инфоцентарот во рамки на Проектот за граѓанско учество со поддршка на американскиот народ преку агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Мислењата изразени во прилогот му припаѓаат на НВО Инфоцентарот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.




