
Според најновиот пресек на Државниот завод за статистика (ДЗС), од 1 март до 8 септември, се самопопишале вкупно 192.095 македонски граѓани од дијаспората.
Деталната листа која секојдневно се ажурира на интернет страницата на ДЗС, покажува дека наши иселеници се самопопишале во вкупно 161 држава. Најмногу лица се попишале во Швајцарија (62.724), Германија (43.694), Италија (27.013), Австрија (11.120) и Соединети Американски Држави (8.258).
Што се однесува до соседните држави, најмногу се попишале македонски граѓани кои живеат или работат во Косово (1.156), потоа во Србија (741), Бугарија (449), Албанија (409) и во Грција (152).
Засега, многу е мала заинтересираноста за самопопишување кај македонските граѓани кои живеат во Австралија, иако, таму со децении има најбројна дијаспора. Според ДЗС, досега, на австралискиот континент се попишале само 2.634 иселеници.
Интересно е да се напомене дека од почетокот на пописниот процес за дијаспората, во Авганистан се попишале 76 македонски граѓани.
Според статистиката на ДЗС, досега се попишале иселеници на сите континенти, па дури и во држави за кои многу малку се слуша или пак, се знае. На пример, по еден македонски граѓанин се самопопишал во вкупно 28 држави, меѓу кои во Бахами, Боцвана, Волис и Футуна, Нигер, Ниуе, островот Ман, Сент Мартин, Сомалија, Фокландски Острови, итн.
Пописот на дијаспората започна на 1 март. Иако, пописот на населението во државава беше одложен за пет месеци поради големиот број заболени од КОВИД-19, Владата одлучи иселениците да продолжат да се самопопишуваат во текот на целиот период, односно до крајот на пописот, на 30 септември.
Самопопишувањето на дијаспората се одвива преку интернет-апликација, достапна исклучиво во странство. Прашањата на кои одговараат иселениците се различни од оние кои им се поставуваат на луѓето кои живеат во државава. И податоците добиени од пописот на дијаспората ќе бидат обработувани посебно од податоците на населението во Република Северна Македонија.
Прилогот е подготвен од НВО Инфоцентарот со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Мислењата изразени во прилогот му припаѓаат на НВО Инфоцентарот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.




