Поврзете се со нас

Пописот и КОВИД-19: Стевановиќ уверува дека протоколот обезбедува апсолутно сигурни услови за спроведување на процесот

 

Како што се приближува стартот на пописот на 1 април, граѓаните на социјалните мрежи ги споделуваат своите стравувања од можноста за ширење на коронавирусот за време на попишувањето.

Но, директорката на Инфективната клиника, Милена Стевановиќ, вели дека „ако граѓаните се плашат толку колку што барем ни се презентира дека се плашат од Ковид-инфекцијата немаше да имаме толкави бројки на заразени“.

„Навистина сметам дека нашето однесување мораме да го донесеме до максимум сериозен однос кон ширењето на инфекцијата и ако се придржуваме до се, нема да има проблем ниту за попис, ниту за какво било ширење од друг извор, можен извор или ризик на инфекцијата. Повеќе од сигурна сум дека кога би се однесувале соодветно секаде, од продавница до попис, нема да имаме никаков проблем“, изјави докторката Стевановиќ во интервју за МИА.

Директорката на Инфективната клиника уверува дека Протоколот за попис, кој на предлог на Комисијата за заразни болести беше усвоен од Владата, обезбедува апсолутно сигурни услови за спроведување на процесот на попишување.

„Во Протоколот за спроведување на пописот се влезени сите фази на процесот на попишување. Од тестирање, преку обучување до спроведувањето на терен, вклучувајќи посебни дополнителни мерки и за онаа популација која ќе биде во изолација или ќе биде заболена. Најдетално се опфатени сите движења, сите возможни комуникации за време на пописот или на секоја фаза од процесот на целиот попис, така што со преземање на соодветни мерки кои се и предвидени за секој момент и на движење во време на пописот, апсолутно верувам дека се обезбедуваат максимални услови за минимизирање на какво било ширење на инфекцијата понатаму“, вели докторката Милена Стевановиќ во интервју за МИА.

Министерот за здравство, Венко Филипче, во емисијата Топ тема изјави дека Протоколот за пописот ги содржи принципите на превенција по кои што граѓаните ќе треба да се однесуваат за да нема трансмисија на вирусот и исто како изборите, така и овој процес да помине во совршен ред.

„Тврдам дека тие протоколи се базираат на буквално истите принципи на превенција како што ги даваме протоколите за сите други настани, собири…Така што, не е во наша ингеренција да кажеме дали пописот ќе се изведува, ќе се одложи итн., но во кој било период од годината да се изведува ќе има соодветни протоколи и препораки“, рече министерот Филипче.

Министерот вели дека засега остануваат рестриктивните мерки кои се на сила, односно полициски час од 22 до 5 часот, но доколку има потреба не е исклучена можноста да предложат и други мерки.

 

Прилогот е подготвен со поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ). Содржината е одговорност на НВО Инфоцентарот и таа не ги одразува секогаш ставовите на ФООМ.

USAID

Напомена

Оваа интернет-страница е редизајнирана со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Информациите објавени на оваа интернет - страница му припаѓаат на НВО Инфоцентарот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.

NVO Infocentar