
На 18 март, во Владата се одржа средба меѓу претставници на влашката заедница во земјава и националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски, на која се разговарало за значењето за спроведување на успешен попис.
На средбата, претставниците од влашката заедница имале можност да постават директни прашања до Јасмина Ѓорѓиева, координаторка за односи со јавноста во Државниот завод за статистика, соопштија од Владата.
Ѓеорѓиева ги објаснила тековните активности за спроведување на пописот, здравствениот протокол и безбедноста на попишувачаите и на граѓаните во целиот процес. Портпаролката посочила дека пописот е многу важна операција за добивање статистички податоци за лоцирање на потребите во поглед на подобрување на квалитетот на живот на сите категории граѓани и упатила порака за широка поддршка на пописот од сите заедници.
„Учесниците на состанокот, се согласија дека спроведувањето успешен попис е важен сегмент и едногласно упатија порака дека е многу важно секој граѓанин да учествува и да се попише, и дека само така ќе се добијат податоците за демографската, образовната, социјалната структура, што понатаму значи добивање бројки, кои подоцна ќе помогнат за планирање и економски развој“, пишува во соопштението од Владата.
Пописот ќе се спроведува на седум јазици: какедонски, албански, турски, ромски, влашки, српски и босански. Со оваа средба, велат од Владата, се заокружува серијата разговори со сите немнозински заедници во нашата држава.
Државниот завод за статистика соопшти дека заклучно со денешниот ден, преку апликацијата за самопопишување се регистрирале вкупно 77.122 лица од дијаспората.
Прилогот е подготвен со поддршка на Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ). Содржината е одговорност на НВО Инфоцентарот и таа не ги одразува секогаш ставовите на ФООМ.




