
На бесплатната телефонска линија што ја отвори Народниот правобранител за пријави од граѓани за пописот, досега се јавиле десетина лица кои имале забелешки или недоумици за процесот на попишување.
Од Канцеларијат на Омбудсманот соопштија дека од 13 септември, на телефонот 080054321 имало седумнаесет јавувања, од кои седум биле за прашања што не се поврзани со пописот.
Прашањата или поплаките за пописот, за кои граѓаните се јавиле кај Омбудсманот се различни. Тие барале совет за одредени нејаснотии во процесот на попишување, како да се самопопишат во странство, а имало и барање за попишувач со определена националност.
Народниот правобранител, досега, формирал само една претставка по која ќе се постапува. Станува збор за ситуација на иста адреса да се водат лица кои не живеат таму, и според Омбудсманот, реонската пописна комисија треба да биде известена за тоа.
Едно од јавувањата се однесувало на местото каде се врши попишувањето, односно граѓанинот во моментот на попишување не е во станот во којшто живее, туку е во село поради пандемијата. Службите на Народниот правобранител му објасниле дека попишувачот доколку не го најде на адресата на која живее, ќе му остави порака и телефон за контакт, а доколку дојде попишувач во временото живеалиште, граѓанинот треба да го извести за оваа ситуација.
Понатаму, еден граѓанин прашал што да направи бидејќи неговите роднини живеат пет години во странство и веројатно не се самопопишале електронски. Граѓанинот добил објаснување за начинот на електронско самопопишување, а бил исто така, советуван за ова да ја извести и реонската пописна комисија.
Имало и реакција на граѓанин зошто кај него не дошол попишувач припадник на албанска заедница. Откако реагирал бил попишан од попишувач Албанец.
– Граѓанинот тоа го потврди со второто јавување, изјавија од Канцеларијат на Омбудсманот.
Еден граѓанин се пожалил зашто се врши попис во недела, ден за одмор. Објаснето му било дека пописот, законски се одвива секој ден заклучно со 30 септември.
Добиена е и една претставка по електронски пат од лице кое реагира во однос на графа припадност на религија/ вероисповед. Народниот правобранител му одговорил дека за овој случај е испратена реакција до Државниот завод за статистика.
„По пријавите на граѓаните ќе се постапува веднаш, односно нема да биде следена вообичаената постапка за поднесување претставка, туку претставки ќе се составуваат телефонски. Важно е да се истакне дека Народниот правобранител правата на граѓаните ќе ги штити со барање за брзо и ефикасно постапување од надлежните органи во процесот на пописот и изборите, и од другите институции кои се должни да им обезбедат заштита на загарантираните права на граѓаните“, истакнува Народниот правобранител.
Бесплатната телефонска линија 080054321, на Народниот правобранител продолжува да функционира. На оваа линија граѓаните можат да пријават каква било повреда на нивните права за време на Пописот на населението, домаќинствата и становите, како и за локалните избори што ќе се одржат во октомври.
Прилогот е подготвен од НВО Инфоцентарот во рамки на Проектот за граѓанско учество со поддршка на американскиот народ преку агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Мислењата изразени во прилогот му припаѓаат на НВО Инфоцентарот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.




