
Јавниот конкурс за ангажирање реонски попишувачи и инструктори за претстојниот Попис на населението, домаќинствата и становите е продолжен до 17 август. Конкурсот беше отворен на 20 јули и првично требаше да трае до 5 август, но поради летните одмори беше продолжен до 12 август, а сега и до 17 август.
Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски вели дека има слаб интерес кај граѓаните да се пријават на конкурсот за попишувачи за претстојниот Попис и дека недостигаат од 1.000 до 1.500 лица.
Тој смета дека слабиот интерес за попишувачи не се должи на пандемијата, туку поради тоа што огласот бил објавен за време на летните одмори, во период кога има работа во земјоделството и кога луѓето се заминати сезонски да работат надвор од државата.
„Пописот напролет се одложи за септември. И ова беше период кога моравме да го објавиме огласот за попишувачи. Не очекував дека ќе има толку слаб интересот, особено во пописните реони кои го покриваат градот Скопје и околината, Охрид, Струмица, Ново Село и пописните реони каде што живее албанското население. Ни недостасуваат околу 1000 до 1500 попишувачи“, вели Симовски.
Тој информира дека во 20 од вкупно 50 реони веќе има задоволителен број попишувачи.
Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија ќе се одржи од 5 септември до 30 септември 2021 година.
Во меѓувреме продолжува електронското самопопишување на државјаните на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство. Досега, според податоците објавени на интернет-страницата на ДЗС, преку апликацијата за самопопишување се евидентирани вкупно 190.359 лица од дијаспората.
Самопопишувањето на македонските државјани во странство ќе трае до 30 септември, кога завршува описот на населението, домаќинствата и становите.
Прилогот е подготвен со поддршка на Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ). Содржината е одговорност на НВО Инфоцентарот и таа не ги одразува секогаш ставовите на ФООМ.




