Поврзете се со нас

Наташа Љубецкиj: Без попис нема успешен развој на земјоделството

Designed by Freepik / www.freepik.com /

 

Пописот на населението е исклучително значајна операција за една држава и тој ни оддалеку не се исцрпува со етничкото пребројување на населението. За статистичарите и демографите, пописот претставува најобемнa и најсложена статистичка операција, која се спроведува според препораките на Обединетите нации (ООН)  и Евростат.Целта на пописот е да обезбеди целосни, квалитетни и реални податоци за населението, домаќинствата и живеалиштата.

Македонија е единствена држава во Европа која нема спроведено попис веќе 12 години. Неговото натамошното одложување штетно  влијае врз угледот на државата, но уште повеќе го оневозможува планирањето и спроведувањето успешни развојни политики во сите сфери на општеството. Без попис нема успешни политики во економијата, енергетиката, инфраструктурата, здравството, образованието, социјалата, руралниот и регионалниот развој, земјоделството. Исто така, пописот претставува и основен предуслов за реален избирачки список.

За тоа говори и Наташа Љубецки, агроном со долгогодишно искуство во развојни проекти во земјоделството и руралниот развој.

Што губи државата со неспроведување на пописот?

Неспроведувањето на пописот е генерално многу лоша работа за целата земја бидејки без него немаме ниту еден валиден статистички податок врз кој можеме да градиме каква било политика. Пописот е основната алатка за какво било пребројување или планирање. Без попис не може да се развие ниту една политика или мерка од кој било сегмент на нашето живеење

Дали сметате дека постојат алтернативни начини за собирање важни податоци, посебно  во областа на земјоделството?

Пописот е основа за секое собирање на податоци. Ако немаме успешен и реален попис не може да спроведеме ниту земјоделски попис во Македонија. Ако, пак, нема земјоделски попис, не може да се креираат и спроведуваат квалитетни мерки во оваа област.

Врз база на основниот попис, се организира и земјоделски попис, кој е многу важен за пребројување на она што го имаме, што го поседуваме или треба да го имаме во областа на земјоделството. Со земјоделскиот попис ги добиваме податоците за капацитетите на производство, но и за работната сила со која располагаме. Сега овие податоци се добиваат посредно, на пример, од правните субјекти, но тоа не е ни оддалеку доволно за планирање на бизнисот во аграрот односно за планирање на развојот на земјоделството во целина.

Дали владините субвенции кои во моментов се доделуваат во земјоделството се базирани на реални податоци односно дали знаеме воопшто која е точната бројка на земјоделци и на обработливи површини?

Во моментов сите политики за субвенционирање се базираат врз податоци добиени од последниот земјоделски попис во 2007 година. Овие податоци донекаде се сѐ уште валидни, но имајќи го предвид големиот одлив на работна сила од земјава особено на  млади луѓе, сите овие податоци се ставени под знак прашалник. Со тоа се отвара и прашањето за валидноста на политиките за субвенционирање и резултатите што тие ги даваат.

Исто така, живеењето во руралните средини во Македонија станува се понеатрактивно заради недостигот од можности за нормален живот на младите луѓе. Сите сме свесни за големото мигрирање на населението, но колкав е реално проблемот на мигрирање во земјата и надвор од неа, ние сѐ уште официјално не знаеме.

Често пати имаме и предимензионирање на определени активности или мерки кои не можат соодветно да се искористат, како на пример, неадекватно развивање софистицирани мрежи за наводнување,  несоодветно градење индустриски капацитети, инвестирање во земјоделско производство кое не може да се ефектуира, затоа што, нема луѓе кои тоа ќе го работат и др.

Сите овие аспекти недвосмислено ја покажуваат нужноста од што е можно побрзо спроведување на реален и валиден попис на населението во државава.

USAID

Напомена

Оваа интернет-страница е редизајнирана со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Информациите објавени на оваа интернет - страница му припаѓаат на НВО Инфоцентарот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.

NVO Infocentar