
Државниот завод за статистика на почетокот на пописот објави телефонски броеви од инфо-центарот, на кои може да се јави секој граѓанин доколку има прашања или нејаснотии поврзани со попишувањето.
Во изминатите две недели имало повеќе јавувања од граѓаните, а најчесто имале дилеми поврзани со пописниот процес. Државниот завод за статистика сподели кои биле најчестите причини поради кои граѓаните се јавувале во инфо-центарот.
Еден граѓанин имал недоумица на која адреса да се попише, бидејќи според личната карта се водел на една, а живеел на друга.
Имало и прашање, дали може да се попише само со лична карта или треба да покаже дополнителни документи на попишувачот.
Некои граѓани, пак, стравувале дека ако не ги најде попишувачот дома, тоа ќе значи дека одбиваат да се попишат.
Во врска со самиот процес на попишување имало повеќе јавувања односно прашања од типот:
- Зошто попишувачот ми постави малку прашања?
- Како да бидам сигурен/а дека попишувачот ги внел податоците што му ги кажав, односно може ли некој да ги смени?
- Како можам да ги добијам на увид податоците што се внесени за мене?
Еден граѓанин имал прашање во врска со доверливоста на податоците од Пописот односно дали податоците ќе ги добијат и други институции или држави, а имало и граѓани кои се јавувале и барале да бидат попишани пред да патуваат во странство.
Од Државниот завод за статистика велат дека сите граѓани кои се јавиле во инфо-центарот добиле одговори на поставените прашања, како и дека добиле објаснувања за нивните дилеми поврзани со процесот на попишување.
.Прилогот е подготвен со поддршка на Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ). Содржината е одговорност на НВО Инфоцентарот и таа не ги одразува секогаш ставовите на ФООМ.




