
Бројката на попишани граѓани од дијаспората преку онлајн апликацијата, надмина 64 000, информираше министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 15 март.
Најмногу се попишале иселениците во Швајцарија, околу 16.000, што претставува речиси една четвртина од очекуваните бројки.
Следни се Германија со околу 10.000 попишани иселеници и Италија со 6.000.
„Далеку послаби резултати имаме во Австралија и Канада“, рече шефот на дипломатијата.
Османи вели дека сè уште е рано и не сака да констатира дали ваквите бројки значат силен или слаб интерес. Остануваат уште 35 дена за иселените граѓани сами да може да се попишат, како и периодот од 1 до 21 април во кој ќе се спроведува пописот во земјава и граѓаните кои се тука, ќе можат да ги попишат и иселените доколу го имаат нивниот матичен број. Според него, веројатно и дистанцата и степенот на информираност влијаат врз бројот на самопопишани иселеници.
„Активно работиме на промоција…на овој процес. Нашите амбасади и конзуларни претставништва интензивно работат со здруженијата на граѓани, асоцијации и верски здруженија. Целата мрежа е ставена во фокусот на овој процес, како нивен главен приоритет“, рече Османи, нагласувајќи дека работната група на МНР е во постојано заседавање и ја следи работата на дипломатско-конзуларните претставништва и телефонските линии се постојано отворени и се користат активно.
Министерот, на новинарско прашање одговори дека нема информации од Дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП), ниту од неговите лични контакти дека некој активно бојкотира или дава отпор за попишување во дијаспората, конкретно во Австралија.
„Меѓутоа, не можам да исклучам таква можност зашто не можеме сите наши граѓани да ги контактираме за да го слушнеме нивното мислење. Најважно е да стигне информацијата до граѓаните, очигледно не сите граѓани ја знаат важноста на процесот, за првпат ние ќе имаме точни бројки за нашите граѓаните во светот и ќе можеме да ги димензионираме нашите услуги, нашите конзуларни претставништва, но и да направиме политики за да го поттикнеме нивното враќање назад и да го спречиме нивото понатамошно заминување“, вели министерот.
Во врска со проблемите со апликацијата за самопопишување, Османи вели дека проблемот најчесто се јавува кога граѓаните ќе го внесат матичниот број од земјава, а во полето за држава ќе ја напишат државата во која се наоѓаат. Потребно е да напишат „Република Северна Македонија“, зашто во спротивно системот не го препознава македонскиот матичен број во комбинација со друга држава.
Во рамки на своите дипломатски активности, Османи, посочи дека утре заминува за Швајцарија и потоа во Мадрид, каде ќе има средби и со дијаспората.
Прилогот е подготвен со поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ). Содржината е одговорност на НВО Инфоцентарот и таа не ги одразува секогаш ставовите на ФООМ.




