Поврзете се со нас

За проектот

Проектот „Пописот е демократија, а не само етничка бројка!“ го реализираат: НВО Инфоцентар, Македонски центар за европско образование, 8-ми Септември и Центарот за развој на медиуми, со финансиска поддршка од проектот на USAID за граѓанско општество, кој го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Основната цел на овој проект е да ја  подигне свеста на граѓаните и да го засили јавниот притисок врз власта, за нужноста од спроведување попис на населението во Република Македонија. Едновремено, треба и да се промени фокусот на доминантниот наратив во јавноста, од етничките кон посуштествените аспекти на пописот – политичките, социјалните, економските, образовните и др.

Според светските стандарди, пописите на населението се одржуваат на секои десет години. Пописите на населението претставуваат статистички операции кои во комплексните општества даваат длабок увид во состојбата на теренот и обезбедуваат основни податоци врз кои се темели крирањето на политиките и развојните стратегии во различни полиња. Меѓу нив, меѓу другото, спаѓаат економијата, социјалната политика, образовната политика, здравството, регионалниот развој, земјоделството, како и во политичкиот систем.

Зошто го спроведуваме овој проект:

Спроведувањето на пописите во Македонија, отсекогаш претставувало нешто повеќе од обична статистичка операција. Тоа не важи само за периодот откако Македонија е самостојна држава, туку ги влече своите корени од почетокот на 20-от век. Сепак,  иако со многу проблеми и тензии, Македонија успешно ги спроведе пописите во 1990, 1994 и 2002 година. Притоа, треба да се напомене дека последниот попис се одржа набрзо по завршувањето на конфликтот во 2001, и претставуваше симбол, како на помирувањето, така и на капацитетот на државата да ја изведе оваа комплексна операција и покрај неповолниот и чувствителен контекст. Затоа се чинеше дека тој попис ќе биде последниот проблематичен попис во Македонија. Десет години подоцна, пописот на населението, во октомври 2011, траеше само две недели, и на крајот, државата  одлучи да го прекине со изговор дека бил спречен фалсификат. Притисокот и апелите на невладниот сектор, дел од медиумите, опозицијата и ЕУ не помогнаа да се расветлат вистинските причини за прекинувањето на пописот. Досега ниту едно лице не е обвинето за фалсификат, иако, државната каса претрпи огромна штета од прекинувањето на овој многу важен процес. Владата сѐ уште не планира спроведување на пописот. Ниту предлог буџетот за 2014 година не предвидува средства за оваа активност.

Она што е најзагрижувачко е тоа дека во последната година, пописот како тема речиси целосно исчезна од јавниот простор, а кога е присутен, доминантниот наратив на целосната дебата за причините за неодржувањето на пописот се одвива исклучиво на теренот на меѓуетничките односи. Наместо за суштинските проблеми кои настануваат поради непостоењето на базични податоци, се шпекулира за „реалните“ проценти  на етничките заедници со што се потхрануваат национализмите. Како илустрација, на оваа „битка за процентите“, националистите на македонска страна тврдат дека реалниот попис би покажал дека бројот на Албанците во Македонија е под 20% , со што тие како заедница би ги загубиле уставно загарантираните права. Од друга страна, албанските националисти тврдат дека пописот пропаднал поради тоа што би покажал дека бројот на Македонците паднал под 50% од вкупното население.

Во овој контекст, годинава, во јавноста одекнаа податоците на Светска Банка, според кои, во последните десет години, Македонија ја напуштиле 447.000 граѓани, како и уште поверодостојните податоци на Евростат кои говорат дека  дури 230.000 македонски граѓани веќе имаат регулирано престој во некоја од државите членки на ЕУ. Овие поразителни податоци фрлаат сомнеж врз суштинските политики на Владата. Невозможно е да се измери ефектот на економските и развојните политики. Имајќи предвид дека голем дел од иселените граѓани се млади и образовани луѓе, очигледно е дека образовната политика дава резултати кои се спротивни од декларираните и посакуваните. Неодржувањето на пописот поразително влијае врз демократијата во државата.  Се отвора простор за сериозен сомнеж за веродостојноста на избирачкиот список и со тоа на секој изборен процес кој се одржува и ќе се одржи во ситуација на неспроведен попис на населението.

Од овие причини, потребно е да се подигне свеста на граѓаните за нужноста од спроведување на попис на населението во Република Македонија, да се зајакне граѓанскиот активизам и да се зголеми граѓанскиот притисок за што побрзо спроведување на пописот според сите меѓународни стандарди. Заради тоа, потребна е промена на фокусот на доминантниот манипулативен  наратив во јавноста од етничките  кон посуштествените аспекти на пописот, кои во моментов се дислоцирани и непостојни.

Донатори

USAID

FOOM

Напомена

Интернет - страницата е дел од проектот „Пописот е демократија, а не само етничка бројка!“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондација Отворено општество Македонија.
Информациите објавени на оваа интернет - страница не се официјални информации на Владата на САД и не ги претставуваат погледите и позициите на Агенцијата на Соединетите Американски Држави за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на САД.

Партнери

NVO Infocentar CRM
 
8-mi Septemvri MCET