Поврзете се со нас

Пописот обезбедува важни и суштински податоци за планирање на развојот

Пописот е најобемно и најмасовно статистичко истражување кое вообичаено се спроведува на десет години. Последниот попис во Република Северна Македонија беше спроведен во 2002 година, што значи дека речиси две децении во земјава нема точна статистика за бројот на население, бројот на домаќинства, куќи, станови, згради, ниви, добиток.

Тоа значи дека владата веќе две децении ја планира својата здравствена или образовна политика без да знае какви се потребите за училишта или болници. И за потенцијалните инвеститори нема веродостојни податоци за работната сила со која можат да располагаат.

Според Методологија на Пописот 2021, граѓаните ќе одговараат на сет од десет прашања поделени во неколку теми. Географски, демографски, економски, образовни, етнокултурни катактеристики и карактеристики на домаќинствата и семејствата. Понатаму, миграции, инвалидитет, земјоделство и живеалишта и услови за домување.

Пописот ќе обезбеди голем фонд релевантни статистички податоци неопходни за научни и стручни анализи, и макроекономски планирања за развојот на земјата. Без попис не може да се донесе ниту една релевантна национална стратегија, ниту пак да се направат вистински регионални или локални планирања во која било општествена гранка.

Конечно ќе се преброиме, во и надвор од државава

Освен за местото на раѓање, попишувачите за време на спроведување на пописот, собираат податоци и за вообичаеното место на живеење односно за тоа дали попишаното лице континуирано живее во вообичаеното место на живеење од раѓањето. Попишаните лица треба да ја наведат и причината за доселувањето (работа, школување, семејство, брак, повратници од странство и др.).

Одговорот на овие навидум стандардни прашања може да биде и важен податок за многу политики. На пример, на овој начин би се дознал вистинскиот број на жители во општините, како и причините поради кои поединци напуштаат определни општини и се населуваат во други општини и региони. Покрај другото, на овој начин се добиваат податоци кои можат да се споредат со бројот на гласачи во избирачкиот список.

Според постојните податоци, бројката на населението во земјата е околу 2,1 милиони жители. Пред секои избори политичките партии го отвораат прашањето за избирачки список кој две децении не е прочистен, бидејќи не е спроведен попис и не се знае точниот број на државјани кое живеат во државата, а колку живеат надвор од неа. Кога би ги имале резултатите од пописот би имале подобра и посериозна слика на луѓето кои имаат право да гласаат. Постои недоверба кон избирачкиот список, а за довербата да биде вратена треба луѓето да бидат уверени дека во избирачкиот список има точно евидентирани лица кои живеат во Република Северна Македонија и надвор од неа. Пописот е нужен предуслов за одржување фер и демократски избори.

Бројката на иселени македонски граѓани и „одливот на мозоци“ со години е неофицијална и постојано се шпекулира колку млади луѓе во последните две децении се отселиле од државата.  Пописот 2021 овозможува да се попишат и македонските граѓани кои немаат постојан престој на живеење во нашата државата и конечно ќе добиеме податоци колку наши сограѓани се отселиле од државата и поради кои причини (сиромаштија, образование, работа).

Образование и внатрешна миграција

Пописните податоци даваат детална слика за образовната структура на населението односно за тоа какво и колкаво образование имаат граѓаните во државата. Дополнително, доколку овие податоци се вкрстат со податоците дали граѓаните се вработени односно колку време бараат работа, би се добила и прецизна слика за тоа кои профили тешко се вработуваат и би се обезбедиле насоки за промена на образовните политики.

Секој официјален податок денес за образовните параметри е неточен бидејќи се базира на податоците од 2002 година. Отсуството на ажурирани податоци влијае и врз квалитетот и квантитетот на мултиетничкото образование бидејќи не се знае кај која етничка заедница, какви интервенции и политики се потребни во сферата на образованието.

Пописот ја дава старосната структура на населението, од која зависи потребата за намалување или зголемување на бројот на образовни институции во државата. Ова е од исклучително значење за политиките поврзани со задолжителното образование (основно и средно), но и со претшколското образование и воспитување. Само преку пописот надлежните институции ќе знаат каде треба да се затвори некое основно училиште или градинка, а каде треба да се изградат нови училишта и градинки.

Податоците од пописот можат да дадат точни податоци за движењето на луѓето внатре во земјата и надвор од неа. Податоците за мобилноста го олеснуваат истражувањето и во други области. Пописот ги идентификува подрачјата во кои има најголем раст или опаѓање на населението, што е битна информација за урбанистичкото планирање и давање на клучните јавни услуги како што се образованието и здравството.

Здравство

Податоците кои се добиваат со пописот даваат основа и за планирање на здравствените политики во државата. За да може да се пресмета природен прираст на населението потребно е да се знае колкав е бројот на новородените во однос на бројот на умрените, но потребно е тој да се пресметува за определена територија и за определен временски период. Во природниот прираст ќе има големи разлики ако се пресметува на територија каде се раѓаат голем број луѓе или ако се пресметува во општини во кои нема млади, во кои жителите се иселуваат, старите умираат и др. Заради тоа, во Македонија, посебно во источниот дел, имаме места со појава на т.н. феномен на депопулација на населението.

Морбидитетната статистика за заболувањето на населениото е многу значајна. Државата нема официјални податоци од кои болести умира населението. Сите овие значајни параметри се пресметуваат за определена популација, на определена територија, за определен временски период и за нив треба да има нови податоци.

Доколку не го знаеме точниот број на населението, не може да пресметаме колку луѓе од медицинскиот персонал, доктори, сестри и помошен медицински персонал се потребни за да се задоволат потребите на дадена територија. Овие податоци се покажа дека се особено важни за време на пандемијата со КОВИД 19 кога се констатираше дека недостига соодветен медицински персонал како анестезиолози, пулмолози, медицински сестри. Исто така, при набавка на вакцини за корона вирусот во јавноста постојано се шпекулира за вистинскиот број на граѓани кои живеат во државата и нивната старосна структура.

Земјоделство

Пописните прашалници изобилуваат со прашања преку кои може да се добијат значајни податоци за состобите во аграрот, кои пак, се потребни за осмислување на ефективна и ефикасна земјоделската политика. На пример, уште во прашањето за економскиот статус, постои опција испитаникот да одбере дали има сопствено земјоделско стопанство, дали вработува работници или станува збор за семеен работник на семејно земјоделско стопанство. Во прашалникот за домаќинствата пак, постои прашање дали попишаното домаќинство поседува земјоделско стопанство, колку земјоделско земјиште поседува, колку добиток, живина и пчели одгледува и др. Пописот би дал многу поточна слика за македонскиот аграр, за неговите проблеми и за потребите на населението кое се занимава со земјоделство. На ваков начин би се добиле информации и за човечкиот капацитет со кој располагаат земјоделските гранки во државата. Со други зборови, пописот претставува основен предуслов за дефинирање на состојбите, потенцијалите и потребите на аграрот, врз основа на што потоа можат да се развиваат и спроведуваат успешни земјоделските политики.

Социјална политика

Во однос на социјалната политика, пописот дава прецизни податоци за низа индикатори кои го мерат степенот на сиромаштија. Граѓаните даваат податоци за нивната економската активност (дали се вработени или се невработени, каков тип вработување имаат, во која околина се одвива нивниот работен ден, и др.), како и за тоа дали активно бараат работа, од каде обезбедуваат средства за живеење односно дали се издржувачи или се издржувани од други лица. Заводот за статистика, Фондот за здравствено осигурување и Агенцијата за вработување вадат некои податоци за различни категории лица кои се дел од социјалната политика на годишно ниво, но ниту една од овие институции нема податок за секое домаќинство во државата. Само пописот дава анализа на секое домаќинство, како на пример, со колку пари и вработени располага секое семејство, образовната структура, бројот на стари, млади и деца во семејството и др.

Исто така, не постои ни регистар на лица со попреченост, а Министерството за труд и социјална политика треба да креира стратегија за нивна рана детекција, заштита и вклученост во општеството. Не постојат ни податоци за тоа колку и кои се ранливите групи и категории на граѓани. Тие податоци се добиваат од ад-хок истражувања што ги прават институциите или невладините организации, но тие не се сеопфатни и токму затоа е потребен пописот.

Недостасуваат податоци за тоа колку самохрани родители има, колку има лица со попреченост, колкумина се приматели на социјална помош итн.

Политиките за вработување креирани од Министерството за труд и социјална политика, а реализирани од Агенцијата за вработување се креираат врз база на нерелевантни податоци за побарувачката и понудата на пазарот на трудот.

Економски развој

Стратешките документи во областа на економско-социјалната политика, се нерелевантни без попис. Како, на пример, стратегијата за регионален развој според која државата е организирана во осум плански региони.  Нема точни информации колку луѓе денес живеат во секој регион, колку од нив се невработени, каква работна сила е потребна и поради тоа не може да се дизајнира и планира развојот на еден регион.

Понатаму, во однос на инфраструктурата (патишта, станбена површина, канализација, вода, превозни средства) пописните прашалници изобилуваат со прашања кои би дале точна слика за состојбата на терен. Пописницата содржи прашања за тоа колку далеку е работното место на испитаникот од неговиот дом и кое превозно средство го користи за да стигне до работното место. Овие податоци би дале добар придонес во осмислувањето на транспортната политика.

Освен тоа се попишуваат и станбените површини кои не се користат за домување, туку за вршење дејност. Исто така, се наведуваат и податоци за површината на становите, бројот на собите, за тоа дали имаат кујна, бања и тоалет, и дали поседуваат паркинг, гаража односно колку автомобили има попишаното домаќинство. Натаму, се собираат податоци и за тоа кога е изграден станот, колку катови има зградата и од каков материјал е изграден носечкиот систем. Со други зборови, државата ја интересира не само бројот на станови, туку и нивниот тип и квалитетот на изградбата.

Многу важни се и податоците за приклучоците на канализација – со пописот би се дала јасна слика за тоа колку од домаќиствата се приклучени на јавна канализација. Со пописот се добива јасна слика за тоа дали домаќинствата имаат пристап до вода за пиење односно од каков тип е пристапот (сопствен извор, водовод, и др.). Сите овие податоци би помогнале точно да се лоцираат проблемите со кои се соочуваат заедниците, и со тоа инвестициите би се насочиле кон решавање на приоритетните проблеми.

И во делот на енергетиката постојат низа прашања кои освен за енергетската ефикасност би дале придонес и за осмислувањето на други политики како на пример, политиката за животната средина. За илустрација, во прашалникот за домаќинствата и становите граѓаните треба да наведат како ги затоплуваат своите домови (централно со инсталација во станот / од јавна топлификација или без централно греење), кој вид на енергија се користи за затоплувањето. Освен тоа, постои и прашање дали домаќинството користи електрична енергија и дали поседува уред за климатизација.

Авторка: Маја Јовановска

 

Прилогот е подготвен со поддршка на Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ). Содржината е одговорност на НВО Инфоцентарот и таа не ги одразува секогаш ставовите на ФООМ.

USAID

Напомена

Оваа интернет-страница е редизајнирана со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Информациите објавени на оваа интернет - страница му припаѓаат на НВО Инфоцентарот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.

NVO Infocentar