Зошто пропадна пописот во 2011-та?
Одговорот за пропаѓањето на пописот треба да се бара на две нивоа, политичко и институционално. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, очигледно, не постигнаа политички договор за успешен и квалитетен попис, а институциите потфрлија и не успеаја да ја завршат започнатата операција.
Колку немањето попис е штетно за државата?
Штетата е голема бидејќи, денес, Македонија функционира според нереални статистички параметри и ние не знаеме дали определена статистика која се пласира и врз која се носат одлуки е точна или не е точна. Институциите носат одлуки на нереални и неточни податоци, добиени од попис кој е извршен пред 12 години, во драстично поразлични демографски, политички и социјални услови.
Дали постојат алтернативни начини на собирање на важните податоци кои обично се добиваат од пописот ?
Ниту податоците од Завод за статистика, ниту истражувањата од тинк-тенк организациите не можат да бидат до крај точни, бидејќи во таквите истражувања се влечат проценти од вкупната популација во Македонија и повторно повикувајќи се на попусот од пред 12 години. Ни една друга статистичка операција не може да биде замена за пописот.
Колку немањето попис влијае врз образованието?
Како и во сите области, така и, во образованието, немањето попис влијае многу. На оваа држава и е важно да знае колку луѓе имаат основно, средно или високо образование, колку ја напуштиле државата, зошто ја напуштиле, што прават оние кои се вратиле. Државата може да гради стратегии за намалување на одлив на мозоци, единствено доколку своите анализи ги поткрепува врз реални параметри. Немањето попис ја оневозможува ваквата анализа.
Недостигот од попис влијае и врз работата на МОФ. Првично, дел од резултатите од нашите истражувања, исто така, се базираат врз основните параметри од пописот од пред 12 години, што може да влијае врз кредибилитетот на заклучоците. Понатаму, нашето учество во локалните и националните младински политики со сигурност ќе биде поаргументирано, поаналитично и покорисно доколку имаме реални параметри за демографската структура на младите во државата, имајќи го предвид фактот за огромните иселувања од државава, во последните 10 години.