Висок процент на граѓани, дури 80% планираат да учествуваат во пописот на населението, покажа Истражувањето на јавното мислење и ставовите на јавноста за пописот на населението – 2021, на Владата на Република Северна Македонија, во март годинава.
Половина од граѓаните (51%) кои одговориле дека нема да учествуваат на престојниот попис како причина го навеле стравот од зараза со Ковид-19, 38% навеле дека немаат доверба во целиот процес, а една третина одговориле дека не се заинтересирани.
Речиси две третини од граѓаните (60%) сметаат дека спроведувањето на пописот е важно. Притоа, важноста на спроведување на пописот е најизразена кај Албанците (68%), потоа кај припадниците на другите етнички групи (59%) и на крај, кај Македонците (57%).
Нема голема разлика меѓу граѓаните од урбаните и руралните средини. Важноста на спроведување на пописот најмногу може да се забележи кај испитаниците од југоисточниот (66%), полошкиот (65%), вардарскиот (64%), скопскиот (61%) и североисточниот (60%) регион, а помалку кај оние во пелагонискиот (55%) и источниот (46%) регион.
Според наодите од истражувањето, 44% од граѓаните се согласиле дека спроведувањето на пописот ќе донесе повеќе придобивки, додека 27% сметаат дека ќе има повеќе негативни последици. Во однос на етничката припадност, забележливо е дека припадниците на албанската етничка група (57%) повеќе ги гледаат придобивките од пописот, за разлика од граѓаните од македонска (39%) и друга етничка припадност (41%).
За 39% од испитаниците, бројот на населението е најголема придобивка од спроведување на претстојниот попис. Помалку од една третина (30%) од граѓаните не знаат или одбиле да одговорат кои се главни придобивки од пописот, додека 17% сметаат дека нема никакви придобивки.
Во однос на достапноста на информациите за методологијата за спроведување на пописот, 34% од граѓаните се изјасниле дека добиле доволно релевантни информации, наспроти 31% кои го мислат спротивното.
Истражувањето за потребите на Владата го реализирала агенцијата ИНДАГО, на национален репрезентативен примерок од 1.100 исипитаници, преку телефонско интервју, во периодот од 8 до 16 март годинава.
Прилогот е подготвен со поддршка на Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ). Содржината е одговорност на НВО Инфоцентарот и таа не ги одразува секогаш ставовите на ФООМ.